Пишува Драган Милосављевиќ
Со целата почит кон сите останати кандидати за претседател, да не се лажеме, единствената дилема исправена пред нас е дали шеф на државата ќе остане Стево Пендаровски или Македонија ќе добие прва „мајка“ на нацијата во ликот на Гордана Силјановска Давкова. Причините зошто тоа е така се јасни и нема потреба од губење време на одвишни образложенија. Затоа, веднаш преминувам на суштината. Сличности и разлики меѓу двајцата најсериозни ривали во трката.
Пендаровски и Силјановска Давкова ги поврзуваат одвај неколку работи. Двајцата се Македонци по раѓање и самочувство (иако кај актуелниот претседател кој за Гоце Делчев јавно рече дека „може да е бил и Бларин“ има индиции дека не е докрај сигурен во самоидентификациjата, но ајде да не бидеме злобни), потоа и двајцата веќе имаат изгубено по една претседателска трка и трето, обајцата имаат статус на универзитетски професори. Иако, а овде веќе „злобата“ мора да дојде до израз, професорот Стево во својата универзитетска кариера има направено, како што би рекол Достоевски за многууважениот професор Степан Трофимович во „Демони“, ако сме искрени токму баш и ништо, додека професорката Силјановска Давкова остварила кариера од светска класа и ќе ви одземе многу време само да наброите што се напишала и објавила. И се чини дека тоа е се што ги спојува двајцата опоненти за првото место во хиерархијата на државата Македонија.
Добро, ќе рече некој со послаби нерви, а што ги раздвојува? Па ајде да видиме. Претседателот Пендаровски, по се изгледа, нема свој став. Поточно има, откако ќе му го соопштат Заев и Ковачевски. Ако случајно не му го кажат на време, тогаш знае да излезе со некаква изјава која се коси со правоверните мисли одобрени од „Бихаќка“ но по некој ден (некогаш и само час) откако ќе го укорат, тој ќе побрза да каже нешто сосем спротивно од претходно изнесеното и уште ќе тврди дека не бил правилно разбран првиот пат. Професорката Силјановска Давкова очигледно нема такви чудни навики и се држи до кажаното без разлика дали тоа не им одговара на овие или оние и дали излегува од рамките во кои некој можеби би сакал да ја држи. Тоа, не сум сигурен, ама мислам дека се нарекува интегритет и тоа не се учи по канцеларии и амбасади, туку се создава во текот на животот со макотрпна работа врз себе за да го носите и во добро и во лошо како круцијална лична особина.
Понатаму, Пендаровски иако дојде на власт благодарение на паролата Едно општество за сите, ниту еднаш не покажа дека за него навистина сите граѓани на Македонија се „негово“ општество туку јасно ги подели на свои и на оние другите кои биле „товарени како стока“. Фактот дека другите, „стоката“ се всушност мнозинството од Македонците не го загрижуваше во текот на ове пет години мандат, па логично не се ни обиде да ги слушне нивните мукања во очај, додека ги аминуваше бугарските изживувања, грчките наредби или блескавите идеи на власта за спас од кривично гонење за корупција преку измените на Кривичниот законик. И многу други нешта, се така и се во тој правец. Интересно, но Силјановска Давкова ниту еднаш не покажа таква ноншалантност кога се во прашање националните интереси и борбата со криминалот, па и во Собранието како пратеник и во сите јавни настапи дома и во странство упорно ги бранеше принципите на кои почива идејата за вистински независна Македонија во која законот ќе важи еднакво за сите.
Актуелниот жител во вилата Водно, слепо и беспоговорно до ден денешен прифаќа како единствен избор, (нема друга алтернатива, нели) буквално се што ќе дојде како предлог или идеја или совет од Брисел и Вашингтон. Не да прифаќа, туку често пати скока и кај што никој не бара да се скокне, во желбата да видат дека тој е верен елемент и дека сите такви барања, макар биле и катастрофални за Македонија, за него се светиња. Аман, веројатно од досада да предложат колективно да се соблечеме голи и намачкани со зелено желе да играме на плоштадите, за Пендаровски веројатно и тоа ќе биде мудра идеја која вреди да се оствари во име на фамозните евроинтерации. Колку што знам, а знам и јас по нешто, професорката со целата почит кон нашите стратешки и природни партнери редовно потенцира дека за љубов се потребни двајца и дека без разлика на силата и статусот кој го имаме во меѓународните односи, не можеме да прифаќаме работи кои овој народ едноставно не ги сака, го навредуваат или го болат. Тоа, чинам се вика достоинство кое или го имаш или го немаш, да не бидам погрешно разбран.
Конечно, понекогаш ми изгледа дека евроинтеграциите за Пендаровски и СДСМ како воопшто и да не се однесуваат на сите два милиони луѓе во земјава, туку ги планираат само за себе и евентуално за нивните партиски поддржувачи. Ако може некако само тие да станат дел од ЕУ, само тие да ги користат убавините на членството, а останатите и онака се небањати па може и да си поседат испотени во чекалната на неодредено време. Добра идеја зарем не, ЕУ зона Водно (за адет уште некоја општина плус), а ние кога сакаме да се прошетаме на планината ќе чекаме да ни удрат печат во пасош онаму кај жичарниците. Или подолу кај ОУ Кочо Рацин. Да се знае кој е елита, а кој нижа каста. Гордана Силјановска Давкова меѓутоа, за чудо мисли, а и на дела покажува дека сите граѓани на Македонија се еднакви по правата и можностите и сите, без разлика за кого гласаат, на кој Бог му се молат и колку пари имаат во џебот заслужуваат власта да ги третира со почит и да се бори за нив како да се едно семејство. Тоа, меѓу нас кажано се вика принцип, една во последно време заборавена но бескрајно важна карика во механизмот кој помогнал низ сите епохи одредена личност во полна смисла да се нарече човек.
За културата на однесување, за начинот на изразување, за речникот, за природната (не)доверба во ликот и делото, за пристапот кон нештата, за самоконтролата, за текот и јасноста на мислите, за емпатијата и продуховеноста, во оваа а и во која било друга прилика немам намера да зборувам. Ако досега некој не успеал да ја увиди разликата тогаш ништо. На крајот на краиштата секој сам ќе одлучи на кој свет(оглед) му припаѓа.





