Се повеќе расте поддршката за бојкот на маркетите – граѓаните им спремаат „Црн петок“ на трговците

„Попусто попусти“. „Бојкот на маркетите в петок“. „Никој да не купува“. Сè погласни се повиците на социјалните мрежи за најавениот бојкот, за да се изврши притисок врз трговците поради енормно високите цени. Се појавија и летоци. „Ќе бојкотирам. Секако дека сè ќе поддржам“, вели граѓанин. Граѓаните се подготвуваат да им покажат „црвен картон“ на ланците големи маркети, а поддршка за бојкотот доаѓа од речиси сите страни – невладини организации, Синдикатот, политички партии па дури и државните институции.



Од големите маркети велат дека ги разбираат граѓаните. Најавуваат промоции од следната недела. Економистите, пак, велат дека е добро и Македонија да го следи примерот на други земји од соседството. Повик за бојкотот е инспириран од акцијата во Хрватска, Црна Гора и Босна.

Сојузот на синдикати на Македонија како и Организацијата на потрошувачи за поддржуваат иницијативата за бојкот. Тие се на став дека трговците лажно се прикажаа како општество одговорни и ги повикаа граѓаните да не се изложуваат на непотребни трошоци во четврток или сабота и предупредија дека анализите покажуваат оти во нашата држава се фрла огромно количество на храна што значи дека не се купува плански.

  • Пораката ќе биде сериозно пратена доколку се воздржиме од дополнително изложување на трошоци, ако потрошиме во четврток и сабота потрошиме двојно или тројно повеќе, а трговците ќе тријат раце. Сега е моментот кога треба да се придружат и никој никого не треба да кани“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Се огласи и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши кој даде поддршка за бојкотот иако тој во изминатиот период имаше редовни средби со трговците и ја истакнуваше нивната општествена одговорност и „џентлменскиот гест“ со т.н. „новогодишна кошничка“.

Апелот до граѓаните е да се воздржат од купување во петок за да се испрати порака дека трговците ги договараат и манипулираат цените и креираат преголеми профити врз грбот на потрошувачите. Дел од македонските трговци со контра реакција на бојкотот во петок, дел од производите во петок ќе бидат со намалени цени.