Директорот на ДЗО Сашо Клековски на денешната прес – конфернција посочи дека се размислува градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје да стане регионален центар за болните од Скопје, Велес и Куманово . Тој кажа дека Владата планира да паузира со идејата за изградба на нов клинички центар поради демографскиот пад на населението, како и поради неискористените капацитети на ГОБ „8 Септември“ кои можат значително да го растеретат постојниот Клинички центар „Мајка Тереза“.
Нам демографијата ни паѓа, со текот на годините имаме сѐ помалку население, така што мораме да ги погледнеме и бројките на осигуреници и на пациенти. Второ, дел од капацитетите не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ГОБ „8 Септември“, рече Клековски.
ГОБ „8 Септември“ има 150 квадратни метри со болнички кревети наспроти Старата Градска болница, сегашна „Свети Наум Охридски“ каде што има нешто повеќе од 30 квадратни метри. Клековски вели дека во извештаи на Светската здравствена организација (СЗО) се споменува дека е потребна реорганизација на здравството.
Морам да кажам дека во „8 Септември“ се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Освен Онкологијата, мислам дека ќе бидат најавени нови проекти, како на пример Нефрологија – рече Клековски додавајќи дека за оваа идеја се потребни законски измени.
За 2025 година планиран е рекорден буџет од 53,4 милијарди денари за 2025 година во јавните здравствени установи што е за 100 милиони евра поголем од минатата година. Со парите ќе може да се направи исчекор во здравствената заштита, додава директорот на ФЗО. Зголемени се буџетите за дијагностички лаборатории, целта на зголемување е да се подобри покриеност на лаборатории за да се скрати време на чекање за овие услуги.






