Битолска апелација ја отфрли жалбата на жителите на прилепското село Ореовец, кои бараа судот да му забрани на Бехтел и Енка да минира камен за тампон во атарот на селото.
Законот кој го регулира работењето на американско-турскиот конзорциум кој гради автопати во земјава, бил над сите закони и немало основа за забрана, се вели во образложението на пресудата. Жителите на Ореовец, кој подолг период не дозволуваат механизација да влезе на каменоломот, се разочарани, но не и изненадени од ваквиот расплет на настаните.
Иако Уставен пред еден месец ја одбил иницијативата за укинување на спорните членови од тој закон, тие повторно ја поднеле, но сите надежи ги полагаат на жалбата, која ја испратиле до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур.
Во меѓувреме, поради Бехтел и Енка се менува уште еден закон – оној за странците. Недостигот од работна сила ќе се надополнува со олеснети услови за странски работници. МВР иницира измени, со кои ќе им се дозволува престој на странци кои не направиле кривични дела само во годината пред да аплицираат, полесно ќе им се продолжува престојот, а Агенцијата за вработување повеќе нема да дава мислење, туку таа обрска ќе ја има само полицијата.
„Привремен престој заради работа ќе се одобри и на странец кој работи на стратешки проекти утврдени со посебен закон, независно од искористеноста на квотата и моменталните потреби на пазарот на труд во Република Северна Македонија, односно без издавање на мислење од страна на Агенцијата.“
Проектот за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10Д, тежок 1,2 милијарди евра, кој во четири очи го доби Бехтел и Енка од почетокот го следеа контроверзии, од обвинувања за корупција, до протести поради загадување или експропријација на земјиште. Како опозиција, ВМРО ДПМНЕ ја критикуваше тајноста на договорот и обвинуваше за епски криминал. Откако ја презеде власта, договорот е се уште тајна. Законот кој го донесе претходната Влада за судовите е специјален, па поради него, граѓаните губат судски спорови во кои се жалат дека се оштетени, а Владата менува други закони.
Извор: ТВ 24





