Во пресметката на балансерот како дел од годишните планови за вработување во институциите во јавниот сектор ќе биде вклучен само бројот на резидентното население, а нерезидентното население е исклучено од пресметката на балансерот – изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешната прес-конференција.
Според новите пресметките во годишните планови за вработување во институциите од јавниот сектор се коригираат процентите: Македонци од 54,21% на 58,44%, Албанци од 29,52% на 24,30%, Турци од 3,98% на 3,86%, Роми од 2,34% на 2,53%, Срби од 1,18% на 1,30% и Власи од 0,44% на 0,47%.
Претходно, во август 2022 година, тогашниот министер Адмирим Алити направил нова пресметка, броејќи ја и дијаспората од пописот во 2021 година, и го зголеми процентот за вработување Албанци на 29,54%, пренесува „Плусинфо“.
Според последниот попис, одржан во септември 2021 година, на територијата на Македонија живеат 58,44 отсто Македонци, 24,3 отсто Албанци, 3,86 отсто Турци, 2,53 отсто Роми, 1,3 отсто Срби, 0,87 отсто Бошњаци и 0,47 отсто Власи. 7,2 отсто, или 132.260 граѓани, се попишани од административни извори и тие не влегуваат во процентите на националности.
Законот за вработените во јавниот сектор, кој започна со примена во 2015 година, предвидува механизам за распределба на новите вработувања со соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците, на ниво на секоја од институциите во јавниот сектор, а врз основа на потребите на самите институции изразени преку Годишни планови за вработување.






