Алијанса за Албанците ги напушта Владата и парламентарното мнозинство и во иднина ќе делува како опозиција, објави лидерот на партијата.
„Информацијата е точна. Алијанса за Албанците излегува од Владата и замениците министри денеска или најдоцна утре ќе ги достават оставките до Владата во писмена форма“, потврдил Зијадин Села во телефонски разговор за ТВ 24.
Села обвини дека коалицискиот партнер СДСМ не го почитувал постигнатиот договор при формирањето влада. Несогласувањата кулминираа кога на Алијансата ѝ беше одземено Министерство за здравство, а во замена ѝ беше понудено уште едно вицепремиерско место за реформи.
Утре се очекува замениците министри Арта Точи и Ремзи Мехмеди по писмен пат да ги достават оставките.
Премиерот Зоран Заев рече дека не е изненаден, дека „тоа е логичен чекор“ и дека нема да брза со пополнување на заменичките места што досега ги држеше Алијансата.
Иако Села тврдеше дека ќе остане во владината коалиција додека не се изгласа Законот за употреба на јазиците, за што претходно бараше да биде донесен во првите 100 дена влада, сега одлучил неговото усвојување да го поддржи – од опозиција.




