Секој ден е борба – 8-ми Март е потсетник каде сме и што уште треба да направиме, велат македонските жени

Меѓународниот ден на жената Осми март се одбележува низ светот како дел од борбата за економска, политичка и социјална рамноправност на жените.



Овој ден е можност да се присетиме на важноста на жената во нашето општество, како и на бројните предизвици со кои таа се соочува.

Каков е ставот на нашите успешни жени во повеќе области за Осми март? Пратеничката на владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ, Дафина Стојаноска е кратака и концизна во одговорот.

– За мене цел живот и секој ден е „борба“. За Осми март не прифаќам „примирје“ – посочува Стојаноска.

Пораката на Сања Лукаревска, пратеничка од редовите на СДСМ е „ниту стравот, ниту молкот не се опција. Не е опција ниту зборувањето напразно“.

– Осми март е мојата мајка, моите другарки, моите колешки, моите соборки, сите жени.

Осми март е женската солидарност, која не знае за вера, национална припадност, социјален статус, партиска боја, професионална наобразба. Овогодишната тема за Меѓународниот ден на жената е „Забрзајте ја акцијата“, што вистински симболизира дека мораме како жени да делуваме силно и храбро. Не само за Осми март, туку секој ден. Во едно од моите обраќања кон жените, имам кажано: „Ниту стравот, ниту молкот не се опција. Не е опција ниту зборувањето напразно. Затоа, ги повикувам сите жени, без разлика на сите наши разлики, заедно да му се спротивставиме на секој погубен говор на омраза. Тоа е и суштината – заклучува Лукаревска.

За Ели Пешева директор за комуникации во маркетинг агенцијата Њу момент, Осми март е потсетник за тоа колку жените од генерациите пред нас постигнале во борбата за рамноправност, на патот што го изоделе, борбите што ги воделе и наследството што ни го оставиле.

– Потсетник е за тоа и каде сме секојдневно, дека предизвиците се далеку од надминати и не чека уште сериозна работа. Потсетник да го одбележиме напредокот, но и потсетник дека не сме ниту приближно до посакуваниот резултат и потребна ни е континуирана акција против дискриминацијата и нееднаквоста. Во контекст дека, секој ден треба да е Осми март, е добро и денес и секој ден, поамбициозно да ги потенцираме придонесите на жените во науката, технологијата, уметноста, политиката, медиумите и многу други области, и да се поттикне создавање на општество каде што секој има еднакви можности за успех и развој. Да сме сочувствителни една кон друга, да се храбриме и поддржуваме. За современите жени, во чие друштво со задоволство сакам да припаѓам, без оглед дали се идентификуваат како феминистки или не, денес е ден за потсетување на солидарност и заедничка акција која ќе води до вистинска рамноправност и почит во општеството. Тоа е единствениот начин за градење подобар и праведен свет – посочува Пешева.

Проф. д-р Елка Јачева Улчар како дете родено во социјалистичко уредување на бившата федерална формација, Југославија, празникот Осми март, сè уште, по малку дури и носталгично го доживува како Празник на мајките кој ја враќа во детството, и ја потсетува на тоа со каква возбуда го собирала секое париче за да собере доволно и да ѝ подари на мајка и нешто повеќе од еден каранфил.

– Најсреќна бев кога Осми март паѓаше по Прочка. Тогаш не требаше да се грижам за пари. На Прочка по амкањето со јајце, дедовците и другите роднини на секој од внуците ни даваа по некој динар. Памтам дека една година Осми март падна во сабота, а Прочка следниот ден. Немав со што да купам подарок за мајка ми, која претходно ми рече дека сакала подарок баш на денот и дека потоа не се важело, веројатно сакала да не трошам пари на неа – открива професорката и дополнува дека откога и самата станала мајка на овој празник од својот син добивала најразлични подароци, смислени и направени од него.

Целиот текст на следниот линк.