На седници на Централниот и на Извршниот комитет, а потоа и на Конгрес Социјалдемократскиот сојуз денеска ќе донесе одлука за носителите на кандидатските листи за парламентарните избори. Пред делегатите ќе биде презентирана и програмата за претстојните избори.На почетокот на 28. Конгрес на СДСМ на отворениот дел ќе се обрати лидерот Димитар Ковачевски, по што следува работниот дел.
Досега е потврдено дека носител на листа во Првата изборна единица ќе биде Ковачевски, а ко-носител Моника Зајкова од ЛДП, како и дека во една од изборните единици носителка ќе биде потпретседателката на партијата Сања Лукаревска.
Први во „двојката“ ќе бидат Сања Лукаревска и Фатмир Битиќи, додека во третата изборна единица предводници ќе бидат Љупчо Николовски и Оливер Спасовски, кој се сели од носителската позиција во втората изборна единица.
Најверојатно, носител во четвртата изборна единица ќе биде поранешниот министер за здравство, Венко Филипче.
За петтата изборна единица се споменуваат Јован Митрески и Бисера Костадиновска-Стојческа, а „шестката“ е најнеизвесна, таму во игра се повеќе имиња и најмногу се споменуваат Славјанка Петровска и Миле Зечевиќ.






