Саудиска Арабија ќе инвестира 600 милијарди долари во САД

 

Откако претседателот Доналд Трамп рече дека ќе ја посети Саудиска Арабија само ако почнат да купуваат повеќе американски производи, саудискиот престолонаследник  се јави и рече дека сакаат да инвестираат 600 милијарди долари во САД.



Најавата дојде по наговестувањето на претседателот Доналд Трамп дека би биле високи трошоците за негово патување во кралството како негова прва посета во странство, пишува АП.

Посетата на Трамп на Саудиска Арабија во 2017 година ја прекрши традицијата американските претседатели обично први да патуваат во Велика Британија.

Овој потег ги нагласи блиските врски на неговата администрација со владетелите на земјите богати со нафта од Персискиот залив, додека истоимената компанија за недвижнини на Трамп, исто така, склучи зделки низ целиот регион.

Коментарите на престолонаследникот Мохамед бин Салман, објавени рано денеска од државната саудиска новинска агенција, беа дадени за време на телефонскиот разговор со Трамп.

„Принцот престолонаследник ја потврди намерата на кралството да ги прошири своите инвестиции и трговија со Соединетите држави во текот на следните четири години, во износ од 600 милијарди долари и потенцијално повеќе“, се вели во извештајот.

Во извештајот не е прецизирано каде би можеле да бидат насочени тие инвестиции и трговија.

Во последниве години, САД се повеќе се оддалечуваа од зависноста од саудискиот извоз на нафта, што беше основа на нивната врска со децении.

Сепак, Саудиска Арабија останува силно зависна од американското оружје и одбранбените системи, кои би можеле да бидат дел од гореспоменатата инвестиција.