Сандански: Ние сакаме Македонија да биде самостојна, Македонија на Македонците, не ја сакаме бугарската тиранија!

„Не бугарска Македонија сакаме ние, туку Македонија на Македонците, Македонија ослободена од тиранијата.“ – напишал Јане Сандански во своето писмо до Грците-жители на Мелник од 1904 година. Денес се навршуваат 152 години од неговото раѓање – на 18 мај во 1872 година во селото Влахи, Мелничко, во Пиринскиот дел на Македонија – и овој значаен датум од македонската национална историја е соодветна пригода за ново навраќање кон личноста, животот и делото на овој истакнат македонски револуционер, војвода и раководител на ТМОРО – ВМРО. Во статија со наслов „Јане Сандански – најфанатичен приврзаник на македонските идеали“, објавена на 16.4.2022 година во весникот „Нова Македонија“, се нагласува: „Великиот македонски водач Јане Сандански, познат и како Пиринскиот Цар, останува запаметен во колективната меморија на македонскиот народ како еден од најголемите поборници на македонската државност, како и еден од најголемите заштитници на македонската национална самобитност.“



Санданизам – кауза за остварување на македонските права

Во споменатата статија, натаму, се истакнува: Јане Сандански се окружил со интелектуалци, што ги согледале неговите лидерски способности и му помогнале во неговата ослободителна кауза. Меѓу најистакнатите негови приврзаници и соработници се: Чудомир Кантарџиев, Александар Бујнов, Стојо Хаџиев, Таската Серски, Димо Хаџи Димов, Павле Делирадев, Тодор Паница и многу други. Сите тие како верни поддржувачи на Јане остануваат запаметени како санданисти, а нивната идеологија како санданизам. Санданизмот е трајно граден во свеста на македонскиот народ како кауза за остварување на елементарните македонски национални, културни и политички права.

Идеологијата на Јане Сандански

Христо Константинов вели дека историјата на Јане е историја на македонскиот роб во борбата за слобода, историја на македонската борба по Гоце, на чии разбирања тој се јави „како најрадикален, најхрабар и најупорен следбеник.“ Константинов вели дека Сандански се пројавил како „најфанатичен приврзаник“ на македонската кауза. Затоа не случајно Хари де Винд вели дека Јане Сандански бил водач, што се декларирал како легален претставник на Македонците, а неговата цел била создавање „независна држава“, која би влегла во една балканската федерација. Сандански и неговите приврзаници имале јасен став за националната, политичката, културната и духовната посебност на Македонија.

Ова го констатира и Тодор Александров во едно писмо од 1919 година, во кое се вели дека санданистите во минатото и сега, на бугарскиот народ му говорат и агитираат дека „треба да се бара автономија на Македонија, зошто таа е одделна економска и географска единица со одделен македонски народ, со своја историја низ вековите и за да не ги плаќа долговите на Бугарија, а некои од нив се закануваат и вака: ако по некое чудо биде дадена цела Македонија на Бугарија, ние ќе се бориме со оружје во рака, за да не го дозволиме тоа обединување.“

Иван, таткото на Јане, во 1878 година учествувал во Кресненското востание како знаменосец (барјактар), односно заменик на главниот војвода. По задушувањето на Кресненското востание, неговото семејство било принудено да се пресели во Дупница, Бугарија. Уште како младинец Јане бил активен меѓу македонската емиграција во Дупница и се запознал со револуционерните идеи и за борбата на македонскиот народ за слобода. Сето тоа кај него предизвикувало чувство на долг кон татковината. По разговорите во 1899 година со Димо Хаџи Димов, кој бил учител во Дупница, и со Гоце Делчев, најпосле станал член на ВМРО.

Гоце му објаснувал: „Кон слободата нема лесен пат“. „Слободата нема да ни ја донесе ниту Фердинанд. нигу кој било друг. Сами ќе си ја пзвојуваме. но треба да се подготвиме за долга и тешка борба. Внатрешната организација ќе го подготви народот за востание. Робот треба да се прероди и да востане. Ова ќе ги разбие сите нејаснотии и двоумења кај Јане. За него Гоце ќе стана апостол, чија идеја како сенка ќе ја следи до крајот на својот живот. Синот на знаменосецот од Кресненското востание, следејќи ја идејата како и патеките на војводите од неговиот крај, Иљо Малешевски, Димитар Поп Георгиев Беровски и други, кои за Јане биле вистинска духовна храна, многу брзо се возвиши во народен трибун и во заштитник на народот, кој од почит го варекол „Пирински цар.

Сандански: „Македонскиот народ е самостоен народ, кој има право на самостоен живот и треба да се бори за својата слобода без туѓа помош!“

Јане Сандански како претседател на Серскиот револуционерен округ ја предводи левицата на македонското револуционерно движење и жестоко се пресметувал со бугарските врховисти. Ја застапува идејата дека „македонскиот народ е самостоен народ, кој има право на самостоен живот“ и затоа треба да се бори за извојување на својата слобода без да се надева на туѓа помош, зошто оние кои ќе дојдат да не ослободат, всушност ќе дојдат да не заробат“. Бидејќи сите дотогаш употребени средства не дале резултати, врховистите организираат поход со цел да го ликвидираат Сандански. Во жестока борба на 7 април 1904 година кај селото Кашина врховистите биле наполно разбиени. 

Д-р Карло Блинд во својата статија „Бугарските злосторства против Бугарите” објавена во весникот „Пал-Мал Газете” од 5 јули 1905 година, ќе напише: „Двата востанички комитети меѓусебно се уништуваат. Цончев го предводи врховистичкиот, а Сандански централистичкиот комитет, односно внатрешната организација. Сандански се прикажува како единствен претставник, Македонец. Тој си поставил за цел од Македонија да создаде независна држава, која единствено би можела да влезе во составот на Балканска федерација, кога таквата сомнителна творба еднаш би се создала. Цончев тежи да создаде Бугарска автономна Македонија, која потоа би се соединила со Кнежевството Бугарија.“

По Рилскиот конгрес и целосниот расцеп во Организацијата, Сандански целата своја дејност ја заснова на самостојноста на Македонското ослободително движење, а борбите со четите на врховистите продолжиле со целата жестина во цела Македонија се до младотурската револуција. Влијанието на Јане Сандански врз македонската левица било забележано и од страна на бугарската влада, па и таа настојувала да го ликвидира. Македонската десница по убиствата на Борис Сарафов и на Иван Гарванов во 1907 година,донела решение да се изврши атентат врз Јане Сандански. На 24 септември 1908 година во Солун, една група, испратена од Софија на чело со војводата Тане Николов, извршила неуспешен атентат врз Јане Сандански, при што е ранет.

На 14 август 1909 година пак Солун бил извршен втор обид за убиство на Сандански. Како организатори на овој атентат се споменуваат Димитар Ризов, бугарски дипломат родум од Битола, и публицистот Никола Наумов од Штип, кој постојано престојувал во Солун како дописник на Бугарската телеграфска агенција, со логистика на бугарските и австриските тајни служби.

Јане Сандански учествувал и во Првата балканска војна, на страната на Балканскиот сојуз со јасно изразени цели за самостојна македонска држава. На 30 октомври 1912 година со своите чети го ослободил Мелник и како претходница на Бугарската армија дејствувал при заземањето на Рупелската клисура, со што го овозможува поразот на турскиот Струмски корпус. Како претходница на 7-та Рилска дивизија Сандански со својата придружба и бугарските коњаници на мајорот Цонев влегуваат во Солун, веднаш по предавањето на градот на Грците од страна на Таксим паша на 8-ми ноември 1912 година.

Дури следниот ден во Солун влегуваат 7-мата Рилска дивизија и грчки трупи. На банкет по повод ослободувањето на Солун Сандански одржал здравица и рекол, дека пие за здравјето на новата држава автономна Македонија. Тогаш сите присутни бугарски офицери, ги извадиле своите сабји и започнале да се закануваат дека за такви зборови глави ќе паѓат и јазици ќе сечат и оти не е за тоа е пролиено толку бугарска крв. По ваквите изговорени зборови тој мирно го напуштил банкетот и Солун.

Разочаран од поделбата на Македонија, сакал да ги казни виновниците. Неговите намери биле откриени. Како голем противник на врховизмот и на бугарската завојувачка политика кон Македонија и поради неговата непомирлива борба за самостојна Македонија, по наредба на кнезот Фердинанд, бил убиен од заседа од своите идејни противници на Пирин Планина, на 22 април 1915 година. Животот го завршил, обидувајќи се да ја спречи Бугарија во вклучувањето во Првата светска војна, бидејќи тоа би значело нова катастрофа за Македонија.

Во текот на неговата бурна воена и политичка дејност, се застапувал за ослободување на цела Македонија, за сочувување на нејзиниот територијален интегритет и за создавање самостојна македонска држава. Неговиот гроб се наоѓа до Роженскиот манастир во Бугарија. Секоја година на неговиот гроб се одржува традиционално семакедонско чествување. Остануваат запаметени неговите зборови: „Да живееш значи да се бориш: робот за слободата, а слободниот – за совршенството“.

Извори: „Нова Македонија“, „Македонска нација“