САД со сигнал до Европа: Продолжете да купувате американско оружје

Американските власти им сугерирале на европските сојузници дека сакаат тие да продолжат да купуваат оружје од американско производство.



Ова доаѓа по неодамнешните најави на Европската унија да го ограничи учеството на американските производители на тендерите за оружје, изјавија пет извори запознаени со ова прашање за за Ројтерс.

Пораките испратени од Вашингтон во последните недели доаѓаат кога ЕУ презема чекори за зајакнување на европската индустрија за оружје, истовремено ограничувајќи го потенцијално купувањето на одредени видови американско оружје.

Планот наречен ReArm Europe, вклучува можност за заеми од 150 милијарди евра за заеднички европски одбранбени проекти. Дел од мерките предвидуваат ограничување на пристапот на компании кои не се членки на ЕУ – вклучувајќи ги и американските и британските – до финансирањето од програмата.

На 25 март, американскиот државен секретар Марко Рубио им рече на министрите за надворешни работи на Литванија, Латвија и Естонија дека Вашингтон негативно гледа на можното исклучување на американските компании од европските аукции на оружје.

Според два од изворите, Рубио нагласил дека таквото исклучување ќе биде сфатено како непожелно од САД.

Портпаролот на Стејт департментот додаде дека претседателот Доналд Трамп ги поздравил напорите на Европа за зајакнување на нејзините одбранбени капацитети, но предупреди да не се градат бариери што ги затвораат американските производители од европските проекти.

„Трансатлантската индустриска соработка ја прави Алијансата посилна“, е оценката на Вачингтон.

Зад сцената, сепак, тензијата е опиплива. Повиците на Трамп до Европа да ги зголеми своите воени трошоци и да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност се во спротивност со економската цел на неговата администрација да отвори повеќе странски пазари за американската индустрија за оружје.

Неколку извори забележаа дека притисокот од САД е зголемен во последниве недели, бидејќи ЕУ стана понаметлива во својата потрага по автономија на одбраната.