Руте го повикува НАТО за 400 % да ја зајакне воздушната одбрана

 

На НАТО му е потребно зголемување на воздушната и ракетната одбрана за 400%, ќе каже генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во говорот во Лондон подоцна денес, објави Ројтерс.



„Во Украина гледаме како Русија шири терор од воздух, па затоа ќе го зајакнеме штитот што го штити нашето небо. На нашите армии им се потребни и илјадници повеќе оклопни возила и тенкови, милиони повеќе артилериски гранати и треба да ги удвоиме нашите капацитети, како што се логистиката, снабдувањето, транспортот и медицинската поддршка“, ќе побара тој.

Руте ќе ги даде своите забелешки пред самитот на НАТО во Холандија овој месец, каде што американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз членовите на алијансата да објават значително зголемување на нивните воени буџети.

Трамп врши притисок врз земјите-членки да ги зголемат трошоците за одбрана на 5% од нивниот бруто домашен производ (БДП), во споредба со сегашната цел од 2%.

Минатата недела, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави во Брисел дека сојузниците се блиску до договор за целта од 5%, која би можела да се формализира на самитот во Хаг.

Членовите на НАТО се борат да ги зајакнат своите одбранбени капацитети откако Русија ја започна својата војна во Украина во февруари 2022 година.

„Опасноста нема да исчезне дури ни кога ќе заврши војната во Украина“, ќе предупреди Руте. „Ни треба квантен скок во нашата колективна одбрана. Треба да имаме поголема моќ и повеќе капацитети за целосно да ги спроведеме нашите одбранбени планови.“