„Фејсбук“ ќе ги информира законодавците неделава дека околу 126 милиони Американци можеби биле изложени на содржини генерирани на неговата платформа од „Интернет рисрч еџенси“ (ИРА), поврзана со руската Влада, од јуни 2015 до август 2017 година.
Проценката, еквивалентна на повеќе од половина од вкупното гласачко тело во САД, фрла нова светлина врз размерите на користењето на социјалните мрежи од Русија за мешање во американските претседателски избори во 2016 година и во американското општество во целина.
Во писменото сведочење пред Правниот поткомитет на Сенатот за криминал и за тероризам генералниот советник на „Фејсбук“, Колин Стреч, вели дека 29 милиони луѓе биле послужени со содржини директно од ИРА, а преку споделување меѓу корисниците вкупно 126 милиони можеле да ги видат.
Сепак, иако бројката изгледа застрашувачки голема, Стреч напоменува дека таа е само четири илјадити делови од еден процент (0,004%) од содржините во форма на вести што циркулираат на „Фејсбук“ или само една од 23.000 парчиња такви содржини.
„Ако секој од овие постови беше реклама на телевизија, ќе ви требаа повеќе од 600 часа гледање телевизија за да видите нешто од ИРА“, објасни претставникот на „Фејсбук“.





