Георгиј Енгелгарт, научен соработник во Институт за словенски студии при Руска академија на науките (РАН), смета дека главната причина што НАТО по секоја цена настојува да ја вовлече Македонија е Вардарска долина.



„Сама по себе, бившата југословенска Македонија има стратешка важност за САД и за НАТО, кое главно се должи на Вардарска долина. Тоа е историски формиран транспортен коридор југ – север. Австроунгарија беше меѓу првите заинтересирани за овој коридор пред 150 години, а во текот на двете светски војни се водеа активни борби за завладување со оваа комуникациска оска“, изјави тој за рускиот деловен весник „Взглјад“ (на руски – „Поглед“), прецизирајќи дека главната цел на НАТО е „бојадисување на сивите зони“.

„НАТО се обидува целосно да ги елиминиран сивите зони во Европа, особено на Балканот. Македонија е една од таквите зони. НАТО верува дека, ако територијата официјално не влезе во Алијансата, тогаш постои можност Русија некако да влезе во неа. Тие сметаат дека е неопходно да се земе територијата официјално, иако во реалноста тие одамна ја контролираат во овие 25 години независност на Македонија. Таа е земја со ограничен суверенитет“, оценува Енгелгарт.

Анализирајќи ја положбата на Македонија во однос на соседството, а во контекст на НАТО, рускиот експерт ја нагласува разликата меѓу македонската држава, Србија и Црна Гора. За Србија не може да се каже дека е „лесен плен“, вели тој, за разлика од Македонија, која е „поподатлив материјал“, според него.

„Македонскиот народ, како и партиите, без разлика дали владеачките или опозициските, се залагаат за влез на земјата во Алијансата. По тоа Македонија се разликува од Црна Гора, која минатата година се приклучи на НАТО ‘преку колено’ и против волјата на населението“, смета Енгелгарт.

Стручњакот од РАН констатира и дека приемот на Македонија во НАТО ќе биде следната „шлаканица“ за Русија и удар за нејзиниот авторитет на Балканот. Тој го критикува оставањето на цедило на претходниот македонски премиер, за кој весникот потсетува дека се обидел да ја поврзе земјата на гасоводот „Турски поток“ и бил цел на напад во, како што го нарекува „Взглјад“, „македонскиот Мајдан“ во 2016 година, мислејќи, очигледно, на насилните демонстрации на т.н. Шарена револуција, додавајќи дека по нив тој бил принуден да се повлече.

„На Русија ѝ се стеснува просторот за дејствување во регионот. Порано имаше многу срамежлив обид да се изгради однос со претходната Влада на Никола Груевски. Немаше вистинска помош за Груевски“, вели Енгелгарт.

„Сега, ако Македонија биде примена во НАТО, во голема мера ќе се искомплицира ситуацијата во Србија – нашиот клучен партнер во регионот“, додава тој. „На крилјата на успехот, Американците со нови сили ќе се ангажираат во обработката на српската елита. Нивната цел е едноставна. Тие не бараат итно влегување на Србија во НАТО, но пред нив стои задачата да го исчистат оттаму нашето економско, политичко и медиумско присуство. Да го сведат на нула, како што е сега во Бугарија, каде што елитата безусловно ги следи целите на Вашингтон, а русофилско расположение постои на ниво на полузаборавен фолклор, не остварувајќи никакво политичко влијание“.