Услугите на апликацијата Viber се блокирани бидејќи операторот наводно го крши законот, соопшти рускиот телекомуникациски регулатор Роскомнадзор.
Регулаторот соопшти дека апликацијата, во сопственост на јапонската мултинационална компанија Ракутен, се користела за терористички и екстремистички цели, за продажба на дрога и ширење дезинформации.
Обвинителите го истражуваа Viber за ширење „информации за дестабилизирање на политичкиот и општествениот поредок во Русија“, објави државната новинска агенција ТАСС.
Од Viber не го коментираше ова.
Од 2018 година, операторите на комуникациските платформи во Русија мора да ги складираат приватните податоци на корисниците како што се повици, пораки, фотографии и видеа и, по барање, да ги достават до разузнавачките служби.
Руските власти дополнително ја зајакнаа цензурата во земјата од почетокот на војната против Украина.
Viber беше казнет минатата година за наводно дискредитирање на руските вооружени сили со тоа што не ги избришал информациите за војната како што наредил Владимир Путин.
Русија веќе блокираше голем број популарни апликации за пораки и социјални мрежи. LinkedIn, Facebook, Instagram и Signal не можат да се користат во Русија без VPN (виртуелна приватна мрежа).






