„Организацијата на Обединетите Нации повикува за помош за преживеаните од земјотресот во Мјанмар пред да ја погодат монсунските дождови оваа настрадана земја. Се очекува бројот на мртвите да надмине 3 илјади.“ – објави новинската агенција Ројтерс.
Во својот најнов извештај за ситуацијата во Мјанмар и Тајланд по катастрофалниот земјотрес од 7,7 рихери, кој се случи минатиот петок, Ројтерс нагласува: Во соседната држава Тајланд бројката на загинати достигна 21 луѓе. Продолжува потрагата по преживеани во една урната повеќекатница. Хуманираните агенции порачуваат дека се потребни вода, храна, засолниште. „Вода за пиење, хигиена, храна, засолниште и лекови се најкритичните потреби по големите оштетувања на зградите, патиштата и мостовите.“ – изјави Марколуиѓи Корси, вршител на должноста хуманитарен и резидентен координатор по дводневната посета.
Официјални лица на Обединетите нации, кои ги испитуваа штетите од земјотресот во Мјанмар, вчера ја повикаа глобалната заедница во светот да ја зголеми помошта пред претстојната сезона на монсуните да ги влоши веќе катастрофалните услови.
Би-Би-Си утринава објави трогателна репортажа со наслов „Човекот тагува по 170 најблиски изгубени во земјотресот во Мјанмар“, во која истакнува: Минатиот петок одекна повикот за молитва во градот Сагаинг во централен Мјанмар, а потоа стотици муслимани се упатија кон петте џамии. Тие сакаа да ја одржат својата последна петочна молитва за Рамазан, на само неколку дена од празникот Бајрам. Потоа во 12:51 часот по локално време (06:21 по Гринич) се случи смртоносниот земјотрес. Три џамии се урнаа, меѓу кои и најголемата, Миома. Притоа загинаа речиси сите внатре. Стотици километри подалеку Сое Нај О, поранешниот имам на џамијата Миома, го почувствува земјотресот во тајландскиот пограничен град Мае Сот.
Следните денови дознал дека околу 170 негови роднини, пријатели и членови на неговото поранешно собрание починале, главно во џамиите. Некои беа водечки личности во тесно поврзаната муслиманска заедница во градот. „Размислувам за сите луѓе, кои ги загубија животите – некои од нив беа мали деца. Не можам да ги задржам солзите кога зборувам за ова.“ – изјави Сое Нај О за Би-Би-Си.





