Спорот со името со Грција е лудило кое освен двете земји кои го имаат никој друг не го разбира а македонските власти барем до сега одлично си ја вршат својата задача, порача во Скопје германскиот секретар за европски прашања Михаел Рот на средбата со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Рот смета дека ЕУ е должна да и помогне на Македонија а оптимизмот дека конечно нешто ќе се менува во тој правец не е без основа затоа што во Брисел сериозно се разговара на оваа тема.
„Никој вон Македонија и вон Грција не го разбира спорот со името. Тоа е комплетно лудило. Но, навистина го ценам тоа што овде во моментов се праќаат соодветни сигнали од Скопје и тогаш и ние сме обврзани и чувствуваме обврска да ја поддржуваме Македонија“, изјави Михаел Рот, генерален секретар за европски прашања на Германија.
По средбата со Димитров, германскиот претставник ја повика ВМРО – ДПМНЕ да ја прифати подадената рака од власта и ја осуди за формирањето на дури 10 пратенички групи на опозицијата во Собрание.
Рот е еден од клучните политички фактори во германското МНР кој што може да има сериозно влијание во процесот на носење одлуки во Брисел кога Македонија ќе дојде на дневен ред за препорака и датум за преговори.




