Под наслов „Среќна нова 1948 година“, членот на Македонска академија на науки и уметности надвор од работниот состав Горазд Росоклија на својот профил на „Фејсбук“ го оцени како историски срам за Македонија тоа што сега ѝ се случува.
„Во истражниот затвор во Скопје, ВО САМИЦИ, лежат Македонци под обвинение дека се ТЕРОРИСТИ.
Затворот им е одреден за да се заштити Македонија од терористички напади, да се спречи тие да влијаат еден на друг, да се спречи нивното влијание врз сведоците и да се спречи нивното бегство преку граница.
Тоа е основата за притворот! СЕДУМ МЕСЕЦИ по настанот!
Во правна држава секој одговара за своите постапки. Но, власта во правна држава не го користи притворот како казна и како закана за непослушните, ниту користи живи луѓе како паричка за пазарење во борбата за задржување на власта и пазарот со коалицискиот партнер.
Македонија го живее историскиот момент на национална срамота!
Власта, опозицијата, Црквата, националните институции, сите претпоставени столбови на македонската држава и на македонскиот народ, со своите активности или со својата пасивност учествуваат во разградување на државата и бришење на македонската нација од нациите на светот.
Но, и сите ние што живееме во овој историски момент сме неволни соучесници во оваа срамна историја, независно од тоа на која страна сме биле.
Македонците станаа народ кој не верува во тоа што го гледа, но затоа верува во интерпретациите на случувањата кои му ги даваат интелектуалниот шљам и багра на општеството.
Ние сме гледачи на фудбалски натпревар со радио во раката за радио репортерот што го пренесува натпреварот да ни објасни дека тоа што го гледаме не се случува“, напиша македонскиот научник од светски глас во областа на истражувањето на невропатологијата и невроимунологијата и професор на Медицински факултет при Универзитет „Колумбија“ во Њујорк.





