Ристески го отвори првиот Регионален саем за економски развој – „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2025“ во општина Илинден


„Организирањето на овој регионален саем за економски развој е одлична идеа и можност за поврзување на локалните бизниси, претприемачи, инвеститори и други клучни актери за стимулирање на економскиот развој и создавање на нови можности за раст во општината и во државата“ кажа заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески во своето обраќање на првиот Регионален саем за економски развој – „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2025“во општина Илинден.



Наредниве два дена во спортската сала „Гоце Делчев“ ќе се претстават голем број на компании од индустријата, градежништвото, транспортот, земјоделството, туризмот, прехранбената индустрија, услугите и новите технологии, каде во рамки на овој саем ќе се отворат можности за соработка, размена на искуства, деловно вмрежување, отворање нови можности и нови работни места.

На отворањето саемот Ристески додаде дека Владата и министерството за економија и труд работат на создавање на поволна бизнис клима во државата, што придонесува за поголем развој на компаниите, а со тоа и поголем локален економски развој, и секако, поголем  економски развој на државата.

Градоначалникот на Општина Илинден Георгиевски потенцираше дека овој регионален саем е прв од ваков вид во државата и е логичен чекор во економскиот развој на општината, која е една од најбрзо растечките економски општини во државата.

„Овој саем не е само настан, туку симбол на нашата заложба за напредок, развој и визија. Општина Илинден е препознаена како динамична и просперитетна општина со стабилна инфраструктура, развиена индустриска зона и над 800 активни деловни субјекти. Нашиот модел на развој се темели на транспарентност и континуирана поддршка за нови инвестиции и иновации. Она што денес јасно го порачуваме преку овој саем е дека амбициите не запираат тука. Би сакал да ја потенцирам нашата заложба за натамошно економско јакнење и за регионална интеграција, како и за поврзување на ресурсите, знаењето и енергијата на различните сектори, во интерес на еден заеднички просперитет“ кажа градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски.

Пред отворањето, градоначалникот Георгиевски и заменик министерот Ристески остварија работна средба на која се разговараше за потенцијалот на Илинден како растечка општина, како и за значењето на ваквите иницијативи за поттикнување на регионалниот развој.

Првиот Регионален саем за економски развој – „ЕКСПО ИЛИНДЕН 2025“ е во организација на Панекс Експо, а  главен покровител е Општина Илинден.