„Слушаме 24 часа во седмицата говори, кои повикуваат на единство, зад кои се препознава само повик на делби и омраза, говор кој повикува на епохални откритија за посебноста на својот народ со идентитет од пред 3000 години. Постојано ечи силна тревога за спасување на Македонија од опасноста за губење на идентитетот, јазикот, писмото, историјата, опасност од асимилација и бугаризација, опасност од домашни непријатели и странски платеници, опасност од дволичната и протекционистичка Европа, опасност од Америка и НАТО, опасност од сѐ што мисли поинаку од врховните патриоти.“ – вели новинарот Ерол Ризаов во својата колумна со наслов „Го препознавте ли вистинскиот патриот?“, која ја објави Дојче веле на македонски јазик.
Делејќи им „лекции“ што е тоа „вистински патриотизам“ на „илјадниците самопрогласени патриоти“, Ризаов ги „поучува“ и да гледаат само напред во историјата, а не да се „замајуваат“ со минатото, преданијата и историјата: Илјадниците самопрогласени патриоти почнуваат да лажат веднаш штом го спомнат народот. Никогаш не ги интересирала иднината, туку само минатото и тоа онака како што е наталожено во нивните глави од преданијата и идеологизираните истории. Единствената мерка за херојство стана да се појде кај своите телевизиски канали и на општествените мрежи и да се распука со жесток напад врз предавниците и непријателите на Македонија. Браво за таквото јунаштво, на кое не му се заканува од никого и никаква опасност.
Лажните патриоти го убија патриотизмот, пропагирајќи херојство и јунаштво небаре сме во војна со домашните предавници и надворешни непријатели. Дрдорат дека францускиот предлог бил голема лага и оти изборите во мај не се избори меѓу Европа и изолација. Христијан Мицкоски лидерот на ВМРО ДПМНЕ, вели дека ова биле избори меѓу Ахмети, Груби, Османи, Зечевиќ, Маричиќ, Пендаровски и Ковачевски од една страна и ВМРО ДПМНЕ и коалиционите партнери од друга страна. Граѓаните ќе бираат во каква држава сакаат да живеат. Дали онаа држава, која ја блокирате со години да не стаса во ЕУ?
Едно е сто отсто сигурно: ако изгубат на изборите, пак ќе ги блокираат реформите за членство во ЕУ, за да не скршне Македонија од нивното беспаќе. Ако победат, ќе гледаме повторување на ерата на груевизмот. Ете, тоа се нашите патриоти, кои нема да постојат ако не измислат предавници и непријатели.





