„Географската додавка ‘северна’ не го поништува суштинското име на државата Македонија, која единствена во светот го носи тоа име. Не се доведени во прашање националната припадност на Македонците, ниту македонскиот јазик.“ – тврди новинарот Ерол Ризаов во својата колумна со наслов „Кој оди во погрешна насока“, која ја објави весникот „Слободен печат“.
Покрај другото, Ризаов пишува: Наместо кон Запад тргнавме во потрага по нов идентитет и пославно минато, па стасавме до Александар Македонски и неговите предци во вековите пред нашата ера. Сиот научен свет ни кажа дека е погрешна таа насока, за кратко време ги изгубивме сите пријатели и симпатии. Голема штета ни нанесе антикоманијата, но таа ни зададе и тежок удар: да ни се наметнат болни компромиси во односите со нашите проблематични соседи.
Мојот избор да ги поддржам компромисите со соседите како подобро решение отколку да останеме во балканската крчма веднаш ме стави на страна на предавниците, непријателите и странските платеници што работат против Македонија.
Можеш да врескаш до небо и да нудиш аргументи и факти колку сакаш, дека географската додавка „северна“ не го поништува суштинското име на државата Македонија која единствена во светот го носи тоа име, дека националната припадност на Македонците не е доведена во прашање, како ни македонскиот јазик, кој е признат и од науката и од Обединетите нации, на кој се напишани милиони книги и склучени сите меѓународни договори, јазик на кој зборуваат околу пет милиони луѓе и на кој ќе се зборува во Брисел во седиштето на ЕУ.
Неменливоста на историјата од комисии под силен удар на партиски пропаганди и големата ѓурултија не можете да ја докажете, а уште помалку дека никој не може да прогласи крај на историјата. Човек може да помисли дека по завршувањето на работата на историската комисија во Македонија ќе престане да се истражува историското минато, односно ќе се укине историската наука. Приказните за понижувањето и за повреда на гордоста и националното достоинство ви ги бришат сите аргументи пред налетот на тревогите на инстант научници и разни пропагандисти.
Во валканата предизборна кампања има чудовишни наводни коалиции, кои се носители на идеите за одземање на веќе стекнати права во меѓуетничките односи, што во некои средини предизвикува воодушевување конечно да се биде свои на своето. Се бараат повторно повеќе од 60 пратеници, за да се стави конечно ред во државата, кој каде припаѓа, кој е мнозинство и кој е малцинство.
Од другата страна се возвраќа со иста мерка, што оди во правец на тоа ако вие не сакате да влезете во ЕУ, ние ќе влеземе без вас. Тоа сè уште не се кажува гласно, но во неколку настани со посетата на косовскиот премиер Албин Курти и „главниот“ град Тетово повторно почна обележување на територии кој до каде е.





