Речиси 9 милиони денари ќе плати МЕПСО за последиците од сајбер нападите

8 милиони и 700 илјади денари ќе плати МЕПСО за справување од последиците од сајбер нападот кој пред месец и половина три дена го остави Акционерското друштво без серверите и веб страницата. Јавната набавка предвидува изготвување на анализа на дигитални докази и форензика, но и враќање на податоци од датотеките кои беа цел на сајбер нападот, пренесува ТВ Сител.
Нападот во МЕПСО го извршија две хакерски групи, но брзата реакција на ИТ експертите од приватниот сектор спречи државната компанија да плаќа откуп за податоците.
Техничкиот министер за информатичко општество вели дека на Македонија и е потребен системски и национален пристап за да се подготви за нови хакерски напади кои доаѓаат однадвор.
-За жал досега државата не била вклучена севкупно, односно целото општество не било вклучено во планирањето на овие стратегии. Некако, како која гарнитура доаѓа на власт, внатре во институцијата кој министер се менува оди со свои експерти, на свој начин, различно од другите, оди со спорадични решанија и токму поради тоа имаме едни спорадични ефекти. И проблемот е што секоја институција сама влегува во процесот да се заштити себеси на интернет и да се дигитализира. Што зачи дека вие имате десетици, ако не и стотици системи на заштита во институциите и затоа тие мрежи лесно се напаѓаат, вели Андоновски.
Во Собранието влезе Законот за сајбер безбедност кој предвидува формирање на Дигитална агенција.Но поради изборите пратениците не го донесоа предлог-законот и тој останува за новиот собраниски мандат.
Андоновски вели дека во финалната верзија на законот не биле вклучени доволен број на експерти и неопходно ќе биде законот повторно да оди на доработка.
-Да се вклучат сите чинители коишто биле вклучени изминатиот период и без политички, каков било притисок или без политичко надмудрување да донесеме закон кој навистина системско решение во делот на сајбер заштита и во исто време ќе ја формираме Дигиталната агенција која оперативно треба да го води процесот на дигитализација на општеството. Во исто време, таа не може да биде и регулатор. Она што треба да го направиме е да и дадеме дополнителни надлежности на АЕК во овој дел, вели Андоновски.