Локалните избори 2017 година се едни од ретките изборни соочувања каде што нема лимит во поглед на коалицирањето на политичките партии.
Иако засега единствена јавна парцијална коалиција е договорена меѓу СДСМ и ДУИ и тоа само за неколку градови каде што една од овие две партии нема можност да победи, за вториот круг се можни сите видови комбинации за коалицирање.
Во зависност од резултатите и тоа кој ќе влезе во вториот круг можни се коалицирања меѓу СДСМ и ДУИ, СДСМ и БЕСА, СДСМ и Алијансата на Албанците. Не може целосно да се исклучи ниту поддршка меѓу СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ иако оваа опција тоа нема да биде објавено пред јавноста затоа што по соработката во Кичево на изборите во 2013 година СДСМ јавно се повлече од етнички коалицирања.
Слично е и со ВМРО – ДПМНЕ , и оваа партија во вториот круг во некоку општини ќе има потреба од екстра гласови и доколку има потреба може да коалицира дури и со ДУИ иако албанските партии засега тврдат дека нема да имаат соработка со ВМРО – ДПМНЕ.
Најголеми шанси за соработка меѓу екс владините коалициони партнери има во Тетово каде што ВМРО – ДПМНЕ не може да победи но и ДУИ не може да добие градоначалник без партиската структура на опозицијата која што е далеку посилна и побројна од таа на СДСМ. За возврат ДУИ ќе треба да апстинира од поддршка за кандидатот за градоначалник на СДСМ во Куманово каде што ВМРО – ДПМНЕ без албанските гласови сигурно победува.
Слично е и во односите СДСМ – БЕСА и ВМРО – ДПМНЕ и БЕСА. И овде во зависност од бројот на гласови во првиот круг извесно е дека ќе се прават математики каде може да се направи „размена на гласови“.
БЕСА која го обвини Заев дека нема да толерира што СДСМ соработува со ДУИ негираше дека има договор со ВМРО – ДПМНЕ но на оваа партија и останува мал изборот доколку сака да победи таму каде што ќе влезе во втор круг со ДУИ (Чаир и Тетово) затоа што СДСМ веќе е договорена во овие општини своите гласови да ги пренасочи кон Али Ахмети.
Албанските партии ќе коалицираат и меѓусебно на „неексклузивна основа“ па така во некои општини БЕСА и Алијансата на Албанците уште пред првиот круг имаат договор да соработуваат во вториот круг но трговијата ќе почне дури откако ќе се види кој колку освоил в недела.
Кај албанските партии за разлика од македонските во неколку општини има општа коалиција со листи од сите партии (Гази Баба) а за градоначалник партиите на своите членови им сугерираат да гласаат за СДСМ.
Во изборната трговија партиите не можат да сметаат на сите свои членови затоа што голем дел од нив нема да ги следат партиските препораки и некои од нив сами ќе решат или да гласаат за друга партија или да не излезат на гласање.
Дел од партиите имаат нерасчистени математики од предходните локални избори кога и покрај договорот за меѓусебна поддршка некои партии не ги исполниле ветените квоти по што сега сите ќе бидат крајно претпазливи а ќе се бараат и гаранции за поддршка.





