Режисерот Вардан Тозија бара актерката и професорка Синоличка Трпкова да каже кој од филмските работници се дел од ткн “Филмската мафија”.
Тозија вели дека ако се споредат примањата на филмските работници и професорите на Факултетот за драмски уметности како што е Трпкова, ќе се покаже дека тие што се на “државна цицка” минуваат многу подобро од “фриленсерите”.
Целото писмо на Вардан Тозија
Почитувана професорке Трпкова,
одлучив да отстапам од досегашната навика да навлегувам во фејсбук дебати и преписки, и да реагирам на Вашето обраќање кон севкупната фела составена од филмски работници, и покрај тоа што бев советувам од колеги да ги игнорирам “малициозните напади на поединци по социјалните мрежи“. Иако се согласувам со дел од ставовите што ги изнесувате преку критиките за состојбите во македонската кинематографија, Вашето генерализирање и осуда ме повреди на лично и професионално ниво. Мислам дека тука не сум осамен, и дека истото го чувствуваат и голем дел од филмските работници во земјава.
Би Ве замолил во иднина да ги конкретизирате Вашите ставови кон поединци за кои сметате дека се претставници на, според Вашите зборови, “филмската мафија“. Доколку е потребно, подготвен сум со факти да презентирам колку голем износ на финансиски средства се префрлени на мојата сметка како авторски хонорар во изминативе десетина години од страна на државниот Филмски Фонд, или Агенција за Филм, сеедно. Потоа може да ги споредиме со комотната професорска плата која се добива на Факултетот за Драмски Уметности од државниот буџет. Ќе видите дека разликата е повеќе десетици пати поголема во полза на професорскиот кадар. Однапред се извинувам за прибегнувањето кон комерцијални проекти на голем дел од филмските работници, но за жал, ние сме “freelance“ уметници кои не можат да си ја обезбедат егзистенцијата завалени зад “буџетарски“ столици. Доколку сметате дека е потребно, може да навлеземе и во дискусија околу кредибилитетот кај дел од професорите на Академијата, како и анализа на резултатите и достигнувањата при спроведувањето на наставната програма на одредени предмети од драмската уметност. Иако уметноста, но и педагогијата, често се затскриваат зад апстрактниот вел на личното толкување, сепак, мислам дека лесно може да се изведат и суштинска, емпириска евалуација за успешноста во создавањето на успешни, образовно “потковани“ млади генерации.
Што се однесува до нашето изразување на револт, односно “недостатокот“ на истиот во последниве десетина години, сакам да појаснам неколку работи. Прво, најголем дел од јадрото на протестите за правата на хонорарните работници пред неколку години ги сочинуваа токму филмските работници. Не би знаел за точната бројка на “буџетари“ кои излегоа за да не’ поддржат. Верувам дека не беа многу. Второ, Вие алудирате на “нашиот молк“ во текот на последните, турбулентни години. Зарем требаше одвоено да истапуваме, кога се случуваа обединети протести против нешто за кое сите верувавме дека е неправедно? Каков беше Вашиот автохтон отпор? Преку Фејсбук? Преку хонорарен ангажман од невладини инстуции? Не, Ве уверувам дека најголем дел од тие луѓе кои беа собрани во петокот пред Министерството за култура учествуваа секојдневно и на протестите што беа организирани од граѓанскиот сектор. Разбирлива ми е Вашата зачуденост што сега одново е јавува незадоволство и бунт, и претпоставката за калкулатско или профитерско исчекорување. Но ние не протестиравме за да се сместиме во буџетарски фотелји, или да прибегнеме кон конформизам и слепа сервилност за да ја обезбедиме нашата иднина. Трето… ќе морам повторно да тргнам од личен пример, и верувајте, не сум единствениот кој го поминал тој пат. Иако социјалната критика не смее да биде премиса во создавањето на здраво уметничко дело, погледнете ги неколкуте филмски остварувања зад кои стои мојот потпис во изминатите години, и обидете се да протолкувате дали таму не постои критички контекст за времето и околностите што го обременуваа македонскиот граѓанин. Верувам дека филмскиот/телевизискиот израз, поради моќта на медиумот, носи поголема тежина од активноста на социјалните мрежи и состанувањата во изолираните работилници. Од друга страна, погледнете ги буџетите што беа искористени за да се создадат дела на голема група македонски филмски професионалци, дела за кои тврдам дека достојно ја презентираа македонската кинематографија на интернационалните филмски фестивали. Некои од значајните постулати на филмот се вечно да поставува точни прашања, да преиспитува, да дејствува како социјален коректив, да пренесува хумани пораки…
Тврдам дека сте во право кога пишувате дека многумина ја злоупотребија филмската дејност за личен профит, дека се создаваа бројни ескапистички, апологетски филмски “дела“ додека нашата реалност тонеше во безнадежност и очај. Верувам дека правно или морално, сите тие ќе одговараат за тоа. Сепак, искрено сметам дека треба да се одважите, и да започнете да ја насочувате Вашата критика кон конкретни поединци, а не воопштено кон целата филмска фела, затоа што постои опасност дека зборовите што ги упатувате ќе почнат да оддаваат впечаток дека се работи за Ваша лична фрустрација кон работниците од филмската дејност.
Со почит,
Вардан Тозија, независен филмски работник.






