Режисерот кој влегувал во судир со Тито, доживеа прва забрана во Драмски

Актерот  Владо Јовановски кој игра во претставата „Папагалот Историко“, во режија на Љубиша Георгиевски, објави дека во петокот била одложена изведбата на ансамблот на Драмскиот тетатар без никакво објаснување.Претставата е во драматизација на Сашо Насев, требало да се одигра во петок, во 20.00 часот.

Веднаш по откажувањето брзо бил ажуриран и сајтот на Драмски.



„Реков, повелете дојдете, додека не е тргната, како никогаш да не била, како никогаш да не постоела.. И глеј чудо, сабајле ме известија дека нема да се игра утре… Откако дојде животот и слободата во Македонија, не мора да си видовит, за да ги гледаш однапред работите.. Не дека сум изненаден, ова го кажувам, чисто за да се забележи…Поздрав и секое добро!
И утре има ден!“, објави Јовановски.

Драмите на Сашо Насев повеќе од 25 години се играат на сцената на Драмски. Директор на Драмскиот театар е актерот Сашо Тасевски кој досега не ја коментираше јавно неговата одлука.

Во претставата „Папагалот Историко“ играат актер(к)ите Владо Јовановски, Благица Димитровска, Калина Наумовска, Дамјан Цветановски, Ѓорги Тодоровски и студентите Томислав Давидовски, Исмет Шабановиќ и Кристијан Танчевски.

„Папагалот Историко‘ е жесток, отворен, политички ангажиран и емотивен театар, преполн со иронии и идеи за тоа како било, како е и како подобро може да стане. Во театарот, се разбира. Затоа што никој од нас, ама баш никој од екипата, со сите зад неа од инспициентот до последниот сценски мајстор, никој од нас немаше поинаква желба од онаа што пред многу стотици и илјади години ни ја кажа Аристотел – освен фабула и карактери, трагедијата мора да има мисла!“, вели авторот Насев за претставата.

Режисерот Љубиша Георгиевски уште во времето на социјализмот со неколку свои проекти бил мета на притисок од тогашните служби за безбедност поради промоција на македонски национални теми во своите претстави но никогаш не му била цензурирана или откажана претстава.