Рајл: Доаѓа крајот на македонската трагедија, денот кога Македонците ќе викнат: Силно светнал ден!

„Треба да се свртиме и да му поверуваме на Рацин, еден од стожерите на македонизмот, кога вели дека од темнината секогаш е посилна светлината и оти доаѓа денот на слободата и на победата, времето на новото небо и на новата земја, и ние на оваа богомилска земја конечно ќе извикаме: Силно светнал ден!“ – вели Мимоза Рајл, директорка на Институтот за сценски уметности на Интернационалниот универзитет Еуропа Прима во Скопје, во својата колумна со наслов Македонска трагедија во антички дух“, која ја објави весникот „Нова Македонија“. Таа е професор по естетика на аудиовизуелните уметности,  театарски критичар и поетеса.



Во својата колумна, покрај другото, Рајл пишува: Жртвувањето за некој повисок идеал ѝ се поставуваше на Македонија и веќе речиси цела деценија таа треба да избира меѓу себеси, својот идентитет, или да умре за некој туѓ идеал.  Трагичниот јунак во античката трагедија, покрај својата храброст и доследност, има огромна решителност, по цена на својот живот да ги докаже вистината и правдата и во тој процес им се спротивставува на боговите. Зарем Македонците токму во 2017 година не го направија истото тоа, оние најхрабрите, затоа што во трагедијата имаме два архетипа, а тоа се кодошот ( предавникот) и херојот?

Одејќи низ најзначајните трагедии во уметноста, зарем не можеме денес да помислиме дека Македонецот е и еден трагичен Хамлет? Хамлет што бараше еден посовршен, почовечен и идеален свет, но стварноста постојано го потсетуваше дека во неговата судбина тоа е неможно. Во величествените трагедии, каде и да погледнеме, од секаде се јавува македонскиот трагичен рефрен низ црното и црвеното, на темницата што штрека пред вкрвавената зора.

Зарем македонската трагедија не започна уште во стариот век, по златната доба на нашата цивилизација, во оној далечен 9 век, кога се формираше македонскиот јазик и кога се создаваа чудовишни средства за неговото исчезнување? Зарем не се трагични судбините на Кирил и Методиј и на браќата Миладиновци, зарем не е трагично палењето на македонската светост, запишана со мудрата рака на Мисирков, кога во истата година во која во крв беше задушено Илинденското востание, во таа трагична 1903 година во пламени јазици во центарот на Софија гореше и „За македонцките работи“? Зарем истата трагедија не е на репертоар во Македонија толку векови?

Зарем не е трагично што споменот на нашите војводи, илинденци и херои од Втората светска војна го предадовме, говорејќи дека нашата историја е лажна? Зарем сите оние херои, што гинеа со ѕвезденото чело, давајќи ги најубавите години од животот за Македонија до последен здив, треба да останат во трагична осама на историјата како никогаш да не постоеле?

Зарем не е трагично овој народ и денес да страда во сѐ подлабока сиромаштија, кога само шепотиме меѓу себе како првите христијани: Бог нека ни е на помош? Зарем не е страдалнички овој народ кога го гледаме како се турка понижен и презрен, за да го оствари своето уставно право и да има свои документи, одземајќи му сѐ притоа: националноста, гордоста, идентитетот, историјата?

Но секоја трагедија има свој крај. Спротивно од Шекспир, кој вели дека токму во оној миг кога ќе кажеме ова е најлошото, на нашите врати чука уште потрагичното, мислам дека треба да се свртиме и да му поверуваме на Рацин, еден од стожерите на македонизмот, кога вели дека од темнината секогаш посилна е светлината и доаѓа денот на слободата и на победата, времето на новото небо и на новата земја, кога и ние на оваа богомилска земја конечно ќе извикаме: Силно светнал ден!