Дури 18% од младите доживеале и/или биле сведоци на насилство во земјава, а овие бројки се многу повисоки кај младите во основните и средните училишта, објавуваат медиуми.
Вербалното насилство најмногу е застапено кај младите, потоа физичкото насилство. Младите девојки претежно доживуваат вербално, психичко и социјално насилство, додека младите момчиња се претежно жртви или сведоци на физичко насилство. Младите девојки доживуваат сексуално вознемирување почесто од младите момчиња. Ова, меѓу другото, се наодите од истражувањето: „Перцепции, ставови и предизвици на младите во Северна Македонија“ на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Насилството меѓу младите е една од главните грижи, не само во Македонија, туку и во земјите од Западен Балкан и на меѓународно ниво.
Анкетираните млади луѓе беа прашани за нивото на насилство меѓу младите.
59% од младите велат дека насилството е „целосно присутно“ или „донекаде присутно“ кај младите, наспроти само 11% кои веруваат дека насилството „воопшто не е присутно“ или „не е присутно“.
Нешто поголем процент млади жени (61%) веруваат дека насилството е „целосно присутно“ или „донекаде присутно“ во споредба со 56% од младите мажи.
Дополнително, возрасната група од 19 до 24 години смета дека насилството е „целосно присутно“ или „донекаде присутно“ (61%) во малку поголем дел во споредба со преостанатите две возрасни групи, и двете со 57%.
Помал процент од младите Албанци (47%) сметаат дека насилството е присутно кај младите во споредба со Бошњаците (82%), Србите (75%), Ромите (66%), Македонците (63%), Турците (59%) и Власи (45%).






