НАТО не треба да интервенира во воениот конфликт во Украина, особено со копнените трупи, изјави бугарскиот претседател Румен Радев за време на меѓународниот економски форум на Economist во Грција, пренесува њуз.бг



Тој е категоричен дека Алијансата не треба да дозволи да биде вовлеченa во оваа војна.

Директната конфронтација меѓу НАТО и Русија може да ескалира во светска војна со нуклеарно оружје со разорни последици, предупреди шефот на државата. Таквото сценарио не би било од корист за Европа и Украина.

Според него, за да се избегне ова сценарио мора што побрзо да се вратиме на дипломатијата за да го подготвиме теренот за преговори.

Тој изрази уверување дека одлуките на НАТО и Советот НАТО-Украина се силен пробив кон идното членство на Украина во Алијансата.

Според него, сите сојузници се посветени на поддршката за Киев и прашањето не било дали, туку кога.

„Одговорот ќе зависи од развојот на бојното поле, од можноста за постигнување одржлив и праведен мир. Украина е суверена држава и има слобода да одлучува“, посочи Радев и истакна дека ова е борба за секој сантиметар земјиште.

Претседателот истакна дека најстратешкиот аспект на војната не се оружјето и муницијата, туку луѓето – војниците – нивната обука, опрема, мотивација и бројност.

Се восхитуваме на храброста на Украинците, но ако ги споредиме армиите, гледаме јасна супериорност на Русите, посочи тој.