ПЈРМ еден од најдобрите акроними, според соработници на Хилари Клинтон?!

Од преписката по електронска пошта од пред две години меѓу соработници на тогашниот државен секретар на САД, Хилари Клинтон, а која ја објави „Викиликс“,  може да се види дека тие го употребувале акронимот ПЈРМ за Македонија, сметајќи го за еден од најдобрите во историјата!



Комуникацијата е од 21 јули 2015 година, кога шефот на изборниот штаб на Хилари за ланските претседателски избори Џон Подеста му испраќа и-мејл на високиот советник за надворешни работи во штабот Џејк Саливен.

„Јас сè уште ја нарекувам ПЈРМ“, вели во пораката Подеста.

„Еден од најдобрите акроними на сите времиња“, им реплицира на Подеста и на Саливен директорот за надворешна политика во Фондација „Клинтон“, Амитаб Десаи.

Само неколку часа претходно се допишуваат Десаи и Саливен.

„Џејк, не го поканивме премиерот на Македонија во ЦГИ – но еден од членовите на кабинетот на премиерот неодамна допатува да се распраша дали можеме.
Како што знаете, премиерот веројатно ќе се повлече во јануари поради значителен притисок. Чарли Купчан (професор по меѓународни односи на Универзитет „Џорџтаун“ и висок соработник на влијателниот тинк-тенк Совет за надворешни односи – н.з.) препорачува избегнување. Ќе им објаснам на Македонците дека не можеме да продолжиме, но прво сакавме да се пријавиме кај вас, за да видиме дали се согласувате и сметате оти треба да го поканиме премиерот? Благодарам, Ами“, му пишува Десаи на Саливен.

„Мислам дека Чарли веројатно е претерано претпазлив, но не гледам никаква предност во поканата“, одговара Саливен.

На 7 октомври 2016 година „Викиликс“ објави илјадници мејлови, наводно, од приватната адреса на Подеста на „Gmail“. Ни тој ни Хилари Клинтон ниту ја потврдија ниту ја демантираа веродостојноста на пораките, кои предизвикаа бура во САД.

Подеста обвини дека руските тајни служби стојат зад објавувањето на пораките во обид да влијаат врз американските претседателски избори во корист на Доналд Трамп. Рускиот претседател Владимир Путин, пак, на тоа одговори дека „хистеријата е само предизвикана од фактот дека некој треба да го пренасочи вниманието на американскиот народ од суштината на она што беше изложено од хакерите“.