Рускиот претседател Владимир Путин денеска ѝ се обрати на нацијата за масакрот во Концерната сала Крокус, го осуди како „крвав и варварски“ терористички напад и вети дека ќе ги казни сите инволвирани.



Најмалку 115 луѓе биле убиени, а над 120 се ранети во масакрот во петокот вечерта.

Претседателот прогласи национален ден на жалост утре, 24 март, во знак на сеќавање на жртвите од нападот, објавија руски медиуми.

„Како некогаш нацистите, тие планираа да извршат демонстративна егзекуција.
Сите сторители, организатори и нарачатели ќе ја сносат казната, кои и да се. Ќе ги казниме сите што ќе стојат зад терористите кои го планираа тој напад врз Русија и нашиот народ. “, рече Путин.
Путин истакна дека се уапсени сите четворица терористи кои учествувале во нападот во Москва. Тој рече и дека по нападот во Москва, терористите се упатиле кон Украина, каде им бил организиран „прозорец“ за бегство.
„Десетици мирни, невини луѓе станаа жртви на терористичкиот напад во Крокус. Ќе ја пружиме потребната помош за сите.
„Напаѓачите се упатија кон Украина, каде што им беше подготвен „прозорец““, рече тој.
Тој изрази благодарност до екипите на брзата помош, пожарникарите и спасувачите кои направија се за да ги спасат животите на луѓето.
Тој рече, жртви на терористичкиот напад биле сонародници, меѓу другите, деца, жени и млади.
„Изразувам искрено сочувство до сите, до сите што ги загубија своите најблиски“, рече тој.
Путин рече и дека руските граѓани многу добро знаат која е заканата од тероризмот и дека Москва смета на соработка со сите земји кои ја делат оваа болка.
„Во нашето мултиетничко општество, Русија постојано минуваше низ најтешките, понекогаш и неподносливите искушенија, но стана уште посилна.
Истото ќе се случи и сега“, рече Владимир Путин во обраќањето до граѓаните на Русија.