Во Грција се најавуваат референдуми и демонстрации поради можноста во сложеното име за нашата држава да се најде и зборот „Македонија“. Но кај нас ситуацијата е дијаметрално спротивнa. Во земјава владее молк од сите, што е сосем неразбирливо и останува социјалните психолози да ни објаснат што точно ни се случува.
Политичкиот аналитичар Бранко Ѓорѓески коментирајќи ги за српската редакција на “Спутник” забрзаните случувања со кои земјава ќе го промени името за да може да влезе во НАТО, на оригинален начин се обидува да ја објасни нелогичноста во однесувањето на граѓаните во двете земји. Грците кои всушност со ваквиот договор добиваат, остро се бунат, додека Македонците кои објективно губат, се однесуваат како ништо да не се менува на нивна штета.
„Во Македонија речиси да нема ниту една јавна реакција, ниту од опозицијата, а ниту во владината коалиција нема некое нарушување на стабилноста. Исто така и во јавноста, меѓу интелектуалците, универзитетските професори, академиците, нема отпор или некоја осбена тензија во врска со тоа, што мене многу ме чуди. Како да се прави некоја слика дека Грција губи со договорот, а Македонија нешто добива.
Социјалните психолози треба да објаснат зошто меѓу македонските граѓани толку големо случување се прима на толку мирен начин, посебно што анкетите покажуваат дека граѓаните не прифаќаат промена на името како услов за интеграција во НАТО“ – објаснува Ѓорѓески.




