Во разговорот во емисијата „Трилинг“, професорот Мишко Ралев не ја исклучи можноста да се кандидира на претстојните избори за градоначалник на Скопје.
Архитектот се споменува како можен кандидат за градоначалник на Скопје предложен од СДСМ, а синоќа тој го даде и своето јавно мислење во врска со можниот внатрепартиски избор.
„Се водат некои разговори, но не зависи од мене. Голем предизвик е, чест е некој да ве кандидира да го работите тоа. Почетокот би бил да се поврзат луѓето во управата со една цел – да се подобри градот. Затоа што градот треба да се одржува и треба да се направи план за развој. Тоа се основните параметри коишто на секој град му требаат – секојдневно одржување и планови за иден развој во сите сегменти. Од инфраструктура, социјала, култура, затоа што градот не е само физичка структура, таа е и социјална и културна“, вели Ралев.
Според последните информации, СДСМ ќе одбира помеѓу Ралев и Ѓорѓи Галетановски, претседателот на СДСМ Скопје.






