Протест: 3.000 луѓе со солзи и гнев бараат правда за убиството на Фросина Кулакова

3.000 граѓани се собраа денес на булевар „Партизански одреди“ во Скопје, претворајќи го во море од луѓе кои со плач, гнев и скандирања бараа правда за трагично загинатата Фросина Кулакова. Младата девојка го загуби животот пред неколку дена, кога беше прегазена од 20-годишниот Васил Јованов, кој со 130 километри на час ја покоси на пешачки премин.



На чело на поворката стоеше семејството на Фросина, кое вчера ја испрати во вечниот дом во Неготино. До нив беа нејзиниот дечко и најблиските пријатели, со транспаренти што зборуваа повеќе од илјада зборови: 

  • „Не прегазија само тело, прегазија и надежи за правда“„Врските на татичко не можат да ја избришат пролеаната крв“„Не ја прегазија само Фросина, ја прегазија и нашата душа“.

Низ булеварот се вее огромен натпис со јасна порака: „Секој еден може да е следен“, предупредувајќи дека улиците не се безбедни, дека системот не е на страната на граѓаните и дека убијци слободно шетаат. Гневот на присутните се преточи во скандирања: „Нема правда, нема мир!“, а граѓаните порачаа дека нема да запрат додека виновниците не одговараат.

Маршот, на кој има масовно присуство, започна кај Универзалната сала, а најавено е дека ќе помине пред Собранието, Обвинителството и ќе заврши пред Кривичниот суд.

Инаку, во средата (29 јануари) се случи тешка сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје во која загина 22-годишната Фросина Кулакова. Во неа удри 20 годишен возач за кој подоцна беше објавено дека нема возачка дозвола, а има историја на кривични дела.

Ова предизвика гнев кај граѓаните кои се собраа на протести на местото на несреќата и во родниот град на Кулакова, Неготино. Побараа одговорност и за судијката која многумина ја обвинуваат дека претходно го спасила од притвор проблематичниот возач.