Протест на ФИНКИ утре пред Владата

Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) утре во 12 часот пред зградата на Владата ќе организира мирен протест преку кој бараат подобри услови за студирање и решавање на проблемот со немање на свои простории. Главното барање е Владата да го задолжи Министерството за образование и наука во рок од три месеци да обезбеди простор и да изврши релокација на Бирото за развој на образование, како орган на државна управа во состав на МОН.
На протестот пред Владата, ќе ја одржат 25-та редовна седница на Наставно научниот совет на факултетот.
-Со цел укажување на власта за потребата од подобрување на условите за студирање на студентите на Факултетот, започнуваме со серија на мирни протести, сè до остварување на целта, велат од ФИНКИ.
Тие ги повикаа сите кои сакаат да го поддржат факултетот да дојдат на протестот.
-Ако Владата на следната седница не донесе позитивна одлука по барањето на факултетот, односно ако повторно ја одложи точката која е од суштествено значење за нормално спроведување на наставата на факултетот, ќе бидеме приморани да преземеме порадикални мерки. Факултетот го задржува правото, до остварување на овие барања, јавно да го искажува своето незадоволство со одржување на протести и штрајк“, соопшти ФИНКИ.
Најава за поддршка на протестот стигна од организацијата „Студентска револуција”. Тие ги повикаа сите студенти, професори, вработени на УКИМ заедно да излезат и да одат пред Влада со едно прашање: Како преку вештачката интелегенција да дојдеме до ‘таа’ зграда на ФИНКИ?
-Доста е од испити до 8 часот навечер, целодневни предавања и ред други проблеми со кои се соочуваат најбројните студенти на УКИМ, студентите на ФИНКИ.
Ајде сите заедно и обединети да се избориме за нашите права“, се вели во повикот на Студентска револуција.
Инаку, факултетот е основан пред 13 години и својата наставна дејност ја спроведува во просториите на четири факултети, три во техничкиот кампус, и на Педагошкиот факултет. Наставата на ФИНКИ се одвива од 8 до 21 часот.