Малкович изјавил дека не разбира бугарски јазик и не сфаќа во што е проблемот.
Демонстранти синоќа се обидоа да упаднат во зградата на Народниот театар во Софија и да ја прекинат премиерата на продукцијата „Оружјето и човекот“ на Бернард Шо на Џон Малкович.
Поради судирите пред главниот влез на театарот, претставата не можеше да започне во 19.00 часот. а салата остана празна.
Инцидентот предизвика бран револт и политички реакции, пишува бугарски Сега.бг.
Малкович гостуваше со претставата работена според текстот на Бернард Шо, едно од неговите најпоставувани дела, која важи за пародија на национализмот и империјализмот.
Според „Факти“, Малкович изјавил дека не разбира бугарски јазик и не сфаќа во што е проблемот.
Демонстрантите реагираа дека претставата е антибугарска, како и дека ги исмева бугарските војници и бугарскиот народ, бидејќи ги претставува Бугарите за време на српско-бугарската војна (1885).
„Апсолутно е неприфатливо да се спречат луѓето во една демократска земја да гледаат театарски претстави и концерти. Купив билет и околу 18:30 часот видов дека има полиција и многу луѓе пред театарот. Мислев дека сите дошле за претставата. Ги прашав полицајците како да влезам и тие прилично иронично ми рекоа јас и девојка ми да застанеме на страна и да чекаме.
Од некаде се појави европратеникот Ангел Џамбаски кој почна да ги вика луѓето да дојдат кај него. За секунда бевме опкружени со момци кои ставија маски на команда и почнаа да нѐ удираат со клоци по бубрези“, изјавил познатиот режисер и сценарист Тео Ушев, кој бил еден од нападнатите, пренесе СДК.






