24 современи авторски бајки се дел од новата книга за деца „Нови бајки од Македонија“, во издание на „Арс Ламина“ и Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“. Бајките се темелат на традицијага за раскажување во стил кој се приближува до младите.
„Покажавме дека имаме голем и свеж креативен капацитет кај младите кои бараат шанса да ги покажат своите потенцијали. Многу сме горди што успеавме да создадеме платформа што овозможи тие да се изразат креативно, а како резултат на тоа се создадоа нови дела што станаа за кратко време едни од најпродаваните и најнаградуваните книги од Македонија. Денес велиме добредојде на уште едно издание што произлегува од оваа креативна платформа. „Браво сине“ продолжува да гради можности за младите креативци и да реализира проекти од национален интерес – истакна Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управниот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“
На промоцијата на збирката „Нови бајки од Македонија“, која се одржа во книжарницата на „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, се обрати и Бранка Бугариска, директорка за издаваштво на „Арс Ламина“,:
-„Браво сине!“, во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“, реализираше значајни проекти од национална важност. На почетокот, со проектот „Бајки од Македонија“, македонското народно творештво се приближи до најмладите и доби нов современ лик, а потоа следуваа и проектите „Басни од Македонија“, „Бајки од Македонија за цела година“, „Мистериозното јајце“, „Современи бајки од Македонија“ и збирката „Детелинки-белинки“. Нивната главна цел беше да се поттикне креативниот потенцијал на младите илустратори и автори од Македонија. Досега, на јавните конкурси на Движењето „Браво сине!“ се пријавиле над сто талентирани дизајнери-илустратори од земјава, а 313 автори доставиле 442 текста за новите едиции на „Современи бајки од Македонија“. Вкупно се издадени 80 бајки од Македонија, како и четири басни од Македонија, рече таа.
Едицијата „Бајки од Македонија за цела година“ е вброена помеѓу 200 најдобри книги за деца и млади во светот што се дел од годишното издание на најпрестижниот каталог на литература за деца и младинци во светот „Вајт рејвенс“ (The White Ravens), кој е дел од најголемите светски саеми за книги што се одржуваат во Франкфурт и во Болоња. Дел од книгите во споменатите едиции се преведени на седум јазици и на Брајовата азбука, а добитници се и на светски награди и признанија.






