Петар Аневски си поднесе оставка од функцијата претседател на Советот на јавните обвинители, но останува да биде член на ова тело. Причините за оставката, како што наведе се лични и семејни, и не се поврзани со останите оставки што ги дадоа функционери во изминатиот период. В четврток на нова седница на Советот, членовите ќе одлучуваат дали ќе ја прифатат. Аневски беше избран за претседател на Советот во 2014-та, а мандатот како член во Советот му истекува во 2020-та година.
„Членовите на Советот ќе одлучуваат по мојата оставка в четврток. Дали ќе ја прифатат или не, тоа е нивна одлука. Без разлика на оставката, и понатаму останувам на функцијата член на Советот на јавни обвинители бидејќи сум избран од ОЈО Битола и ќе продолжам со таа функција од 1-ви септември, ако биде прифатена мојата оставка“, изјави Аневски.

На седницата Советот ја именуваше Лилјана Спасовска како вршител на должност – Републички јавен обвинител на местото на разрешениот Марко Зврлевски. Спасовска ќе ја извршува највисоката обвинителска функција се до именување на нов републички обвинител.
Парламентот за четврти септември го стави на дневен ред предлогот за огласување именување на јавниот обвинител. Штом огласот излезе во Службен весник, кандидатите имаат рок од 15 дена да достават апликација. Исто толку дена им стојат на располагање на членовите на Советот на јавните обвинители да се изјаснат позитивно или негативно по однос на доставените документи на секој од кандидатите.
Потоа Владата избира еден од кандидатите за кои има согласност и го предлага на гласање во Собранието. Јавниот обвинител има мандат од 6 години.




