Вардар ја совлада Брера во Струмица со 2:0 во 26. коло од Првата македонска фудбалска лига и се зацврсти на осмото место на табелата со 28 бода, еден помалку од Пелистер пред него и четири повеќе од Беса зад него.
Водство на гостите од Скопје им донесе босанскиот напаѓач Горан Закариќ во 61. минута со својот седми првенствен погодок сезонава, а трите бода ги завери Едиз Спахиу три минути пред крајот со својот трети гол оваа сезона.
Триумфот над ривалот и во полуфиналето на Купот на Македонија, кој ќе го пречекаат во првиот дуел в среда од 15 часот, ја продолжи серијата на „црвено-црните“ на осум натпревари без пораз во сите конкуренции пролетва по стартниот од 2:1 против Шкендија во Скопје во рамките на ПМФЛ.
По тој меч најтрофејниот македонски фудбалски клуб забележа пет победи и три нерешени резултати.
Други резултати од 26. коло: Беса – Гостивар 2:1, Шкупи – Работнички 0:0, Тиквеш – Шкендија 0:1 и Воска – Силекс 1:2.
Табела: Шкендија 56 бода, Силекс 52, Работнички 49, Гостивар 44, Струга 42, Шкупи 33, Пелистер 29, Вардар 28, Беса 24, Тиквеш 22, Воска 22 и Брера 21.
Головите на Закариќ по 1:14 ч. од почетокот на видеото и на Спахиу по 1:40 ч. на линкот:
https://www.youtube.com/live/nY13Rvf91lE?si=Qsm2fZCaKo9zTssD






