Екипите на ТППЕ Битола, како во текот на ноќта, така и утрово продолжуваат да работат на целосно ставање под контрола на пожарот над Битола. Заедно со екипите на јавните претпријатија во моментот на терен се над 100 лица, за кои се обезбедени доволни количини на храна и вода.
Паралeлно се одржува комуникација со центарот за управување со кризи од каде е најавена поддршка од воздух во гаснењето на пожарот, информираат од општина Битола.
Поради пожарот од ноќеска се пренасочува сообраќајот од обиколницата Битола, патен правец Прилеп – Ресен, низ градот Битола.
Во гаснењето на пожарот вчера попладне лесно беа повредени двајца пожарникари.
Едниот кој имаше изгореници на дланките и на подлактицата е хоспитализиран во битолската болница, додека другиот беше пуштен на домашно лекување. Ноќеска заседавал и Кризниот штаб во Битола кој донел неколку одлуки за полесно справување со огнената стихија.





