Пркосно чекори ваташката сончева колона на македонската младост, масакрирана од бугарските фашистички окупатори на 16.6.1943

„За да се уверат дека се мртви, бугарските војници со бајонетите ги бодеа мртвите момчиња право во срцата. Гледав дека некои од другарите за последен пат се грчеа по ударите на штиковите. А сите беа речиси деца. Неколкумина од нив имаа рачни часовници, кои војниците, откако ги избодеа, им ги зедоа – ги ограбија по смртта. … Подоцна со моите плачејќи се вратив на местото на злосторството. Целото село се собра таму. Крај секое мртво тело тажеа неговите најблиски. Плачот одекнуваше надалеку. Таа слика не може да се опише и да се заборави. Брат ми Васо и Диме не можевме да ги најдеме. Дури по подолго барање ги откривме во тревата искасапени. Тоа не беа тела, туку обезличена маса од месо и коски. … Ова монструозно злосторство побуди невидена омраза кон бугарскиот окупатор…“ – ова е дел од сведоштвото на Невена Михајлова Хаџи-Јорданова во врска со Ваташкиот масакр, извршен на денешен ден, на 16 јуни 1943 година кога бугарскиот фашистички окупатор во месноста “Моклиште“ масакрира и стрела и масакрира 12 Македонци од селото Ваташа на возраст од 15 до 27 години.  Во својата статија со наслов „Бугарија да се извини за масакрот во Ваташа“, објавена во весникот „Нова Македонија“ на 17 јуни 2019 година, публицистот и писател Блаже Минески ги пренел сеќавањето и сведочењето на Невена Михајлова Хаџи-Јорданова, една од младинките, која била во групата носена за стрелање тој кобен ден во Ваташа.



Царска фашистичка Бугарија ја „ослободувала“ Македонија со стрелање на Македонците

Во таа статија Миневски нагласува: „Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов веднаш треба да допатува во Македонија и јавно да се извини за масакрот што неговата држава го направила пред 76 години во селото Ваташа, Кавадаречко, кога биле убиени дванаесет младинци, само затоа што биле Македонци.“ Ваташкиот масакр е најголемото воено злосторство врз македонскиот народза време на Втората светска војна во Македонија,покрај Дабничкиот колеж, кој бугарските фашистички окупатори го извршиле со намера да го спречат големиот подем на народноослободителното движење во Македонија, се во рамките на Јунската непријателска офанзива.

Во статија со наслов „Морничавото злосторство на бугарските фашистички окупатори “, објавена на 15 јуни 2024 во весникот „Нова Македонија“ Далибор Станковиќ нагласува: „Бугарската историографија се обидува да го релативизира ова воено злосторство на окупаторските и фашистичките власти на царска Бугарија. Но тоа не е изолиран случај, туку е организирана и поттикнувана политика од страна на бугарските окупаторски власти во Втората светска војна, политика што беше насочена против припадниците на македонскиот народ и неговите национални стремежи за слобода и сопствена држава. Во овој правец се и репресивните мерки на бугарските власти, како што се обидите за асимилација на македонскиот народ преку образовниот систем, или засилените воени и полициски акции против припадниците на македонското партизанско движење. За да се спречи разгорување на Народноослободителната и антифашистичката борба на македонскиот народ, бугарската окупаторска власт презела репресивни мерки и против цивилното македонско население. Како резултат на оваа репресивна политика се случува Ваташа, но и други слични настани, како што е масакрот кај селото Дабница кога биле убиени 18 осумнаесет младинци, припадници на македонскиот народ.“

Ваташкиот масакр „во чест“ на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон Втори

Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година започнува со офанзива за уништување на партизаните. Но, откако доживува неуспех се нафрла и на мирното македонско население. Врвот на бугарските погроми над цивилното македонско население е ваташкиот масакр „во чест“ на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон Втори.

Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад. Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле предадени. Стева Илиева од Кавадарци има сведочено: „Кметот нѐ собираше од куќите со готов список. Сите нѐ имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани, тепани и ѕверски измачувани. Принудувани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште како нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка. Потоа сите во колона по еден во придружба со силно воено обезбедување се однесени во месноста “Моклиште“, каде што девојчињата се издвоени, а врз момчињата е отворен оган од митролези и пушки.

„Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!”

Најмладиот од стреланите имал само 15 години. Еден од стреланите пред да умре, успеал да изусти: „Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!” Насилно беше прекината младоста на Васил Хаџи Јорданов, Ферчо Поп-Ѓорѓиев, Диме Чекоров, Блаже Ицев, Ванчо Гурев, Пане Џунов, Данко Дафков, Илчо Димов, Герасим Матаков, Пане Мешков, Ристо Ѓондев и Перо Видев.

Големиот македонски поет Ацо Шопов за овој настан ќе напише: „Јуни. Тиквешко. 1943. Окупаторот беснее од немоќ. Ништо не го запира победоносниот разгор на сенародната борба. Ни јавните закани, ни затворите, ни претепувањата, ни убиствата одненадеж, во постела – дома, на нива, – во полето. Секоја закана е стократен гнев, секое убиство – повик за слобода. Тежи воздухот од одмазда, одмаздата му тежи на врагот. Над Ваташа се вгнездува ноќта, во ноќта се вгнездува врагот. Селото заспива опкружено од дива глутница. А во раниот изгрев – дванаесет удари со кундаци на дванаесет ваташки порти и страотен кучешки лај. Викотници, писоци, пцости. Дванаесет врзани младинци во селската кафеана…“  По потресната сцена на стрелањето, Ацо Шопов го завршува својот текст со „непрегледната сончева колона“: „Ако не ве препознаат мајките, ќе ве препознае земјата, ќе ве препознае колоната во која мртви чекорите, непрегледна сончева колона на младоста.“

За масакрот во Ваташа во “Билтенот“ на ГШ на НОВ и ПОМ од септември 1943 година е напишано: “Младинците се изрешетани од куршуми од митролези, па се после избодени со бајонети, на некој им се исечени рацете и извадени очите, а притоа сите биле опљачкани“. Во извештајот на Мито Хаџивасилев – Јасмин до ЦК на КПМ од 5 јули 1943 се изнесува јасна слика дека бил вршен терор и во претходни наврати од страна на бугарската војска кон невиното македонско население во Кавадаречко: убиени се близу 50 тина селани, дел и интернирани, палени се куќи и плевни во селата Шивец, Ресава, Ваташа, Праведник и други. Мито Хаџивасилев – Јасмин  сето ова му го припишува на „главниот крвопиец полковникот Апостолов“.

Генералот Тодор Атанасовски, кој во тој кобен ден бил во Ваташа, запишал: „Стрелањето на ваташките деца не е само бескрупулозно злосторство на бугарските фашистички окупатори врз македонскиот народ и неговата непокорена младост, туку и еден од низата настани, што ја означуваат 1943 година како преломна година во подемот на НОВ во Македонија. Окупацијата не е прифатена, бугаризацијата никако, а на ’новиот поредок‘ македонскиот народ му објави војна….“

По две години Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковникот Љубен Апостолов, капетанот Борис Жеглов, поручникот Костов и подофицерот Петко Опреков. Пред тоа, сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти. Стрелачкиот вод, кој учествувал во злосторството, една година подоцна, на 13 јули 1944 година, бил целосно уништен од страна на два баталјона на Втората Македонска ударна бригада кај селото Страмашево, Демир Хисарско.

Ова злодело извршено од бугарските фашисти останува белег, кој вечно ќе биде поврзан со шестиот роденден на бугарскиот престолонаследник Симеон Втори. Во спомен на настанот е изградена е спомен- костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: „Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани уште тоа утро во иднината“. На местото на стрелањето подигнат е спомен-парк со површина од 7 хектари, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци.