Вчера извршен е претрес во домот како и во помошни простории на полициски службеник со иницијали Б.Б. во Битола, затоа што има сомневање дека открил службена тајна. Против него е поднесена кривична пријава и од страна на надлежен судија му е изречена мерка притвор во траење од 30 денови.
Како што соопшти МВР, при претресот пронајдени се пиштол, револвер, две рамки за пиштол, 321 парчиња разновидна муниција, над 20.000 евра и службена документација, односно оперативни извештаи кои во себе содржат класифицирани информации, меѓу другото и за граничното работење, анализи на рутите за мигранти итн.
Во однос на кривичното дело по член 360 од КЗ, извршен е увид во службена просторија на Регионален центар за гранични рабпти Југ лоцирана во кругот на СВР Битола, при што е одземен еден десктоп компјутер за понатамошна постапка.
По извршениот увид во службената просторија и предметниот компјутер, извршен е разговор со полицискиот службеник Љ.К., кој во службениот разговор појаснил дека тој со неговата службена шифра во системот за контрола на патници и возила извршил проверки за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Известен е јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, по чии насоки полицискиот службеник Љ.К. е лишен од слобода и задржан во ПС Битола.
Исто така на 25.01.2025 од страна на полициски службеници од ОВККИПС во координација со ОКП- СЕКК и СВР Битола, по наредба издадена од Основен суд -Битола, извршен е претрес на дом кај Љ.К.. При спроведениот претрес пронајдени и одземени се два преносни уреди – усб и еден мобилен телефон.
Во координација со ОЈО-ГОКК се преземаат дополнителни мерки и активности со цел расчистување на кривично-правниот настан.





