Претседателката на Албанија Елиса Спиропали ја именува Лиридона Беќири-Лимани, адвокатка од Скопје, како надворешен политички советник во својот кабинет. Оваа информација ја објави ТВ 21, во која се нагласува: „Ова е значаен сигнал за она што го кажа Спиропали во Тирана, во Приштина и во Скопје, како потреба за посилна соработка на албанскиот чинител на сите рамништа.“ Инаку, на 14 април 2023 година косовскиот премиер Албин Курти го има именувано Беким Ќоку од Струга како свој надворешен политички советник за Македонија. Беким Ќоку, сега пратеник во Собранието на Македонија од коалицијата Вреди, е едновремено и официјален застапник на владејачката косовска партија Ветвендосје (Самоопределување), чиј лидер е Курти.
ТВ 21 пишува: „Изненадување доаѓа од Тирана. Елиса Спиропали, претседателката на Собранието на Албанија повторно ‘пукаше’ во целта. По некои изненадувачки настапи во парламентарната дипломатија, во триаголникот Тирана-Приштина-Скопје, воинствената политичарка од Тирана, направи избор, за кој долго ќе се коментира. Таа во својот кабинет ја покани едно од најинтересните личности од албанскиот свет во * Македонија, Лиридона Беќири-Лимани, многу позната Албанка-адвокатка и активистка во Скопје. Таа е именувана како надворешен политички советник во кабинетот на претседателката на албанскиот парламент.“
„Позната како решителен полемичар и со импресивна животна и професионална биографија, со одлично познавање на Балканот и на односите меѓу соседите, Лиридона Беќири-Лимани несомнено ќе ја внесе својата вредност во кабинетот на Елиса Спиропали, ‘железната дама’ од Албанија. Ова е значаен сигнал за она што го кажа Спиропали во Тирана, во Приштина и во Скопје, како потреба за посилна соработка на албанскиот чинител на сите рамништа.“
Инаку, во врска со последните политички активности на Спиропали во својата анализа со наслов „Крои ли Тирана нова платформа?!“ од 25 септември 2024 година весникот „Нова Македонија“ објави: „Со своите пораки претседателката на Собранието на Албанија Спиропали грубо се меша во внатрешните работи на Македонија како суверена држава. Таа води многу повеќе сметка за состојбите во македонската внатрешна политика и си зема за слобода да коментира какви одлуки треба да донесат македонските институции.“
Веќе на 10 декември 2024 година Елиса Спиропали во истиот стил, по средбата со лидерот на ДУИ Али Ахмети во Тирана, нарекувајќи го „мудриот политичар“, на својот фејсбук-профил ќе напише: „Со добриот пријател, мудриот политичар Али Ахмети, претседател на ДУИ, разговаравме за унапредување на правата на Албанците во * Македонија, кои се и мора да бидат неповратни; разговаравме за конструктивен ангажман на албанските политички субјекти и на Албанците во пријателската и соседна земја, за изградба на општество и целосно демократска земја, со социјална кохезија и еднаквост за сите граѓани; за посветеноста на албанскиот чинител во забрзувањето на членството на * Македонија во Европската унија.“
Од друга страна, по именувањето на Лиридона Беќири-Лимани како надворешен советник на Елиса Спиропали, низ поконцизен извадок потсетуваме на нејзината најнова колумна со наслов „* Македонија и Албанија: Време е да се напише повторно иднината!“, објавена на информативниот портал „Плус инфо“, во која таа, покрај другото, пишува: „Во мојата земја, во * Македонија, односот меѓу двете државотворни етнички групи е прв и неопходен услов за гарантирање на добрите билатерални односи, но и заедничкото патување за трансформација на целиот Западен Балкан во интегрираниот европски простор. … размислувањето на сите политичари треба да се негува во насока дека сите народи можат да коегзистираат во хармонија. … Албанците долго време се витален дел од * Македонија, придонесувајќи за нејзината историја, култура и напредок, и мора да признаеме дека правата на една етничка група не ги намалуваат правата на другата група.“
… „Јас сум граѓанин на оваа држава, со албанска националност, премиерот на оваа држава е мој премиер, без разлика дали сум гласала или не, за неговата партија на тајни непосредни избори. Би сакала неговите успеси и неуспеси да ги славам или промислувам заедно во кабинетот на заедничкиот премиер, сите заедно. … Како Албанка, ја сакам оваа земја и ме боли сѐ, што го загрозува мирот, кој заедно го изградивме во оваа земја. Пишувам како загрижена Албанка, не само за иднината на мојата нација, туку и на секој сограѓанин Македонец или Македонка и не само, затоа што сме на прагот на нова ера – ера која ветува предизвици и можности за сите нас и време е да размислуваме за правецот во кој одиме.“ …
„Како Албанка немам проблем да ја прифатам богатата и разновидна култура на моите пријатели Македонци. Всушност, јас сум горда на тоа. Знам повеќе стари народни песни од некои мои пријатели Македонци, а мојата библиотека има повеќе книги на македонски јазик, отколку што повеќето би очекувале. За мене тоа не е во противречност со мојот албански идентитет. Тоа не е закана за тоа која сум. Наместо тоа, тоа е збогатување – начин да ги проширам моите лични хоризонти и да ја продлабочам мојата врска со различниот свет во кој се опкружувам.“
„Како Албанка на оваа земја, иако израсната и подучена со национални вредности, секој македонски граѓанин го разбира мојот течен македонски говор и оттука ви кажувам дека никогаш не е доцна да се научи и албанскиот јазик. Верувајте дека е многу убав јазик, дури ќе најдете Албанци, кои ќе ја изразат својата волја да помогнат да го научите, со ветување дека нема да ви се смеат, ако згрешите додека изговарате!“
„Како политичари, ве охрабрувам да размислите за моќната порака, што можете да ја испратите до младите во оваа земја, дека вистинското лидерство и вистинската сила не се наоѓаат во нашата изолација, туку во заедничкиот чекор напред, кон иднината каде што Mакедонците, Aлбанците и сите други заедници на * Македонија ќе работат рамо до рамо со вас за создавање обединета, мирна и европска држава! Изберете да бидете лидери, кои нѐ зближуваат, покажувајќи им на младите од оваа земја дека нивниот потенцијал не лежи во нивните разлики, туку во нивната способност да работат заедно за општото добро! Границите се за географските карти, а не за здравиот и отворениот разум! Борете се со причините да го имате непријателот за пријател, а противникот за сојузник. Европа нѐ сака само заедно и сосема поинаку!“
„Ние сме општество составено од многу различни гласови, бои и приказни. Нашите корени лежат длабоко во земјата на различни култури, верувања и традиции. А сепак, и покрај нашите разлики, делиме заеднички стремеж: да изградиме подобра иднина за себе, за нашите деца и за генерациите што доаѓаат. Нашиот напредок е колективно патување. Ние сме архитектите на оваа нова ера и како такви ќе се издигнеме над предизвиците, ќе застанеме цврсто против силите на поделба и ќе изградиме иднина, на која светот ќе ѝ завидува.“ – напиша Лиридона Беќири-Лимани во својата спомената колумна.
Останува допрва да се види што ќе донесе праксата водечките политичари од Косово и Албанија да именуваат свои политички советници од Македонија, дали ќе уследат и други активности на овој план.
Најчитани статии
Бугари со навреди кон првиот македонски претседател Киро Глигоров и Македонците





