Одбележувањето на 80 години постоење на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” – Битола е сведоштво за едно долго духовно патување, посветен труд за негување на културата, зачувување и збогатување на библиотечниот фонд, период на подеми, соочување со предизвиците на новото време, објави претседателката Гордана Сиљановска Давкова која присуствувала на свечениот јубилеј на оваа културна институција.
,,Убаво е да му оддадеме почит на најстарото, најбројното и најпочитуваното, велам јас, битолско семејство, семејството на книгите, што преживеало многу битки и премрежја. Ние овде гарантираме за неговиот живот и во следните 80 години, а дигитализацијата ќе му ги отвори портите кон вечноста.

Читајќи, научив како да се разберам подобро себе си, но и другите. Читањето ми стана неизбежна потреба и нужност. Вљубена сум во книгите, во прашање е доживотна фатална врска меѓу мене и книгите”, порачува претседателката.

Сиљановска Давкова апелира да се стори сè луѓето што повеќе да читаат, да ја приближиме книгата особено до најмладите.
,,Тоа е актуелно деновиве, да им создаваме читачки навики, да им читаме книги од најрано детство, да им подаруваме книги, да ги наградуваме со книги”, вели претседателката.






