Техничкиот премиер, Талат Џафери, упати честитка за празникот Курбан Бајрам до поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи, како и до членовите на Ријасетот, муфтиите и до верниците од исламска вероисповед, во која истакна:
„Задоволство ми е во име на Владата на Република С.Македонија и во мое лично име, да упатам искрени честитки по повод големиот муслимански празник, Курбан Бајрам, и да ја изразам радоста што овој свет ден го дочекуваме живи и здрави.
Ви посакувам лично Вам, на членовите на Ријасетот, муфтиите, припадниците на Исламската верска заедница, како и на сите верници од муслиманска вероисповед, над сѐ добро здравје, широкоградост, солидарност и правење добри дела кои ќе им ја облагородат душата и ќе му дадат вредност, мотив и квалитет на вашиот живот.
Курбан Бајрам нека биде причина за собирање околу семејното огниште, за споделување на радостите, успесите, меѓутоа и грижите и проблемите, затоа што семејството е суштинското јадро и клетка од која почнува и се гради здраво општество со позитивни вредности и стандарди. Нека е честит и за многу години празникот Курбан Бајрам!“, напиша премиерот Џафери во честитката до поглаварот на ИВЗ, Фетаи, објави ТВ21.






