Премиерот на Гренланд кај данскиот крал по притисокот од Трамп да го „купи“ островот

 

Ова доаѓа откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека сака да ја преземе контролата врз арктичкиот остров, автономна територија на Данска, јавува Ројтерс.



Трамп, кој ја презема функцијата на 20 јануари, вчера посочи дека нема да ја исклучи можноста за користење воена или економска акција против Данска за да го направи Гренланд дел од Соединетите држави.

Истиот ден, неговиот најстар син, Доналд Трамп Џуниор, беше во приватна посета на островот богат со ресурси.

Гренландскиот премиер Муте Егеде, кој синоќа допатува во Копенхаген, пред неговото патување најави дека денешната планирана средба со данскиот крал Фредерик е одложена. Денеска, сепак, данскиот кралски двор соопшти дека средбата ќе се одржи, без да даде повеќе детали.

Гренланд беше данска колонија до 1953 година, но моментално е самоуправна територија на Данска и во 2009 г. го постигна правото да бара независност преку гласање.

Во 2023 година Владата на Гренланд го претстави својот прв нацрт-устав.

Иако повеќето од вкупно 57.000 жители на Гренланд ја поддржуваат независноста, постои поделба околу тоа кога треба да се случи и потенцијалното влијание врз животниот стандард.

Владата на Гренланд двапати ги отфрли понудите на Трамп за купување на островот – во 2019 година. и минатата година, кога Егеде изјави дека “Гренланд е наш. Ние не сме и никогаш нема да бидеме на продажба”.

И покрај богатството на ресурси, како што се минерали, нафта и природен гас, економијата на Гренланд останува кревка, во голема мера зависи од риболовот и годишната помош од Данска.

Односите на островот со Данска неодамна беа затегнати поради наводите за историско малтретирање на Гренланѓаните за време на колонијалното владеење.