Премиерот ветил враќање на бугарската плоча на Кајмакчалан

Бугарскиот ловец на мигранти Динко Велев за бугарските медиуми тврди дека македонскиот премиер Зоран Заев му ветил дека ќе дозволи враќање на спомен плочата која што лани ја искрши македонскиот новинар Миленко Неделковски.



Спомен плочата беше поставена на тајна церемонија од страна на бугарски активисти кои што без дозвола сакаа да подигнат паметник на бугарските војници и офицери загинати во првата светска војна.

Според бугарската историографија сите војници кои што се бореле во редовите на бугарската армија во балканските војни и во прватска светска војна се Бугари.

Во двете војни во 1912 и 1913 година и во првата светска војна , на различни страни, Бугарска,  Српска и Грчка, се бореле десетици илјади Македонци од сите делови на Македонија а најмалку десетина илјади од нив загинале.

Динко Велев, во Бугарија познат како Динко од Јамбол, во источниот сосед е познат како ловец на мигранти кои што на пат од Сирија и Ирак заминуваа во ЕУ преку бугарска територија. За насилсвто врз мигранти Велев беше осуден на неколку месечна казна која што ја одлежа и излезе од затвор пред 3 месеци.

Веднаш по излегувањето од затвор тој се обидел да влезе во Македонија за да се пресмета со Неделковски но македонските гранични служби не му дозволија влез во земјава.

Пред десетина дена на социјалните мрежи излезе фотографија од Велев со премиерот Заев сликана во Струмица за која што дел од провладините активисти тврдеа дека е фотомонтажа но подоцна се покажа дека таа е автентична откако Велев во Бугарските медиуми се пофали дека се сретнал со македонскиот премиер.

Македонската влада досега не ги коментирала изјавите на осудениот криминалец Велев за кого нема ниту објаснување како успеал да се сретне со третата по хиерархија политичка фигура во Македонија.

Обновувањето на спомен плочата на „бугарските војници од првата светска војна“ според официјалните изјави не била дел од разговорите меѓу македонските и бугарските власти кои што по кратки преговори го потпишаа договорот за пријателство на први август.