Премиерите од Западен Балкан утре на вечера со Могерини

Стратегијата што Европската комисија ја подготвува за февруари ќе се најде „на маса“ на утрешната работна вечера на шефицата на дипломатијата на ЕУ со шесте премиери на земјите од Западен Балкан.



Македонија се надева дека ќе се најде во Стратегијата покрај Србија и Црна Гора, за кои првиот човек на ЕК Жан-Клод Јункер објави дека би можеле да влезат во ЕУ до 2025 година.

Политиката на проширување, ситуацијата во регионот и чекорите кои земјите треба да ги направат на патот кон европска интеграција во 2018 ќе бидат теми и на одвоените средби што Могерини претходно ќе ги има со гостите.

Вечерата претставува продолжување на разговорите на Могерини со балканските од мај годинава, кога тие, исто така, присуствуваа на неформална работна вечера во Брисел.

Могерини постојано ја истакнува својата лична посветеност со цел да се постигне „видлив и практичен“ напредок на сите на земји од Западен Балкан на патот кон европската интеграција до крајот на нејзиниот мандат во 2019 година.

Официјалните претставници на ЕУ веќе укажаа дека 2018 година ќе биде исклучително важна за процесот на евроинтеграција на земјите од овој регион.