Првиот свештенички собир во Издеглавје, 21.10.1943: поставени темелите на МПЦ и откажана е секаква надлежност на туѓите цркви врз неа

На денешен ден, на 21 октомври во 1943 година на 21 октомври во селото Издеглавје, Охридско, бил одржан Првиот свештенички собир на слободната територија на Дебарца.  Тој собир е предвесник на историскиот АСНОМ. Антим Поповски е еден од иницијаторите и организаторите во Главниот штаб за организирање на овој Прв свештенички собир, кога се поставени темелите на Македонската православна црква. Изразувајќи ги стремежите и определбите на православното свештенство и на верниците од цела Македонија, триесетте народни свештеници донеле многу значајни историски одлуки за неа, за македонскиот народ и за движењето.



Според одлуките на собирот, била откажана била секаква јурисдикција-надлежност и права на туѓите цркви врз Црквата на Македонија, а од тој ден започнал да се користи македонскиот јазик во богослужбите во црквите и во црковната администрација. Свештениците се ставиле на располагање на народната власт. Потоа била формирана првата организирана црковна власт, со архиерејско намесништво, а како прв намесник бил поставен заслужниот деец и учесник во НОВ, прота-ставрофор Антим Поповски.

Свештениците и македонските христијани биле повикани да се вклучат во народноослободителното движење и со сите сили и средства да ја помагаат народната војска. По повод одржувањето на Првиот свештенички собир, во Издеглавје на 20 октомври 1983 година била откриена спомен-плоча на куќата, каде што се одржал собирот.

Поповски е запопен во Тирана со помош на Пирузе и на Питу

Антим Поповски (Слатино, 1900 – Скопје, 31 март 1987) бил македонски свештеник, прв архиерејски намесник за ослободената територија во 1943 година и еден од носителите на одлуката за обновување на Охридската архиепископија и за организирање на Македонската православна црква. Роден е во Слатино, Дебрца. Немал можност да ја заврши богословско-учителската школа во Битола, бидејќи бил протеруван од школските управи како син на бунтовник и опасен за српската власт.

Како печалбар во Белград воспоставил контакти со напредни студенти и работници и бил посетител на друштвото „Вардар“, организирано од македонските студенти во Белград. Таму се сретнал со Петре Пирузе, со Петар Богданов-Кочко, Кузман Јосифовски-Питу и многу други личности, од кои се надоградувал и го збогатувал своето знаење. Антим со својот ангажман ја освоил довербата на Кузман Јосифовски-Питу, Михајло Апостолски, Методија Андонов-Ченто, кои престојувале во Дебрца.

Петре Пирузе заедно со Кузман ЈосифовскиПиту во ноември 1941 година го организирале неговото запопување во Тирана кај владиката Кристофор. Антим е прифатен како член на проширениот состав на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија и ја водел комисијата за верски прашања.

Протоереј-ставрофор Антим Поповски починал на 31 март 1987 година во Скопје.