Првиот европски гостин на Вашингтон по кавгата Трамп – Зеленски е првиот сосед на Македонија грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис.
Само два часа по шокантната средба на претседателот Трамп и потпретседателот Венс со Зеленски
американскиот државен секретар Марко Рубио се сретна со неговиот грчки колега Јоргос Герапетритис.
Жестоката расправија меѓу претседателот Доналд Трамп и неговиот украински колега, Володимир Зеленскиј, Герапетритис ја опиша како „јавна конфронтација“.
Во изјавата објавена по неговиот состанок со Рубио во Стејт департментот во Вашингтон во петокот, Герапетритис рече дека му рекол на соговорникот дека „Европа останува посветена на праведно и одржливо решение за украинскиот народ“.
„И без оглед на јавната конфронтација што се случи денес, Европа останува обврзана да ја надгради својата одбранбена инфраструктура. Но, поддршката од Соединетите Држави е неопходна“.
Герапетритис рече дека во центарот на средбата биле билатералните односи, регионалната соработка и меѓународната средина.
„Разговаравме за стратешките односи што ја поврзуваат Грција со САД. Највисоката точка на која се овие билатерални односи денес и просторот што постои да ги развива уште повеќе со новата американска администрација на сите нивоа, во економијата, во туризмот, во трговијата, во енергетиката, во односите меѓу луѓето“, рече тој.
Во соопштението за средбата меѓу двајцата министри, Стејт департментот рече дека Рубио ја потврдил стратешката важност на американско-грчкото партнерство, нагласувајќи дека Грција е „ценет сојузник на НАТО и критичен за регионалната стабилност“.
Се вели дека двајцата министри разговарале за важноста на „соочувањето со илегалната имиграција“. Покрај тоа, Соединетите Држави ја поздравија силната посветеност на Грција за исполнување на обврските на НАТО за одбранбените трошоци.
Конечно, во соопштението на Стејт департментот се истакнува дека Рубио го поздравил присуството на Грција во Советот за безбедност на ОН за периодот 2025-2026 година.
Фото: Принт скрин МНР на Грција






