Жестока дебата во Собранието за прекроената државна каса. Министерката за финансии презентираше ребаланс на буџетот со расходи од 5,85 милијарди евра, приходи од 5,2 милијарди евра и дефицит од 726 милиони евра. Ќе има повеќе пари за раст на платите и пензиите, за здравство, за изградба на патишта и пруги. Се крати од владата, службата за општи и заеднички работи, министерството за одбрана. Се додава кај МВР, индустриските зони, земјоделците, за здравствена заштита. Капиталните инвестиции се на нивото од 730 милиони евра, анализира ТВ Алфа.
Како одговорна Влада која го почитува словото на Законот нема да отстапиме од она што е обврска и со ребалансот се обезбедуваат средства да се сервисираат сите обврски. Ваквиот одговорен пристап што го применивме резултира во буџетот со промени на приходната и расходната страна, како и буџетскиот дефицит. Се обидовме и направиме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата коишто стоеја неискористени, од се она што претставува несуштински расход и успеавме, водејќи се од напорите за фискална консолидација, да најдеме заштеди од околу 20 милијарди денари и да ги употребиме онаму каде ни требаат“, порача министерката за финансии Димитриеска-Кочоска.
Пратениците од СДСМ демантираат дека претходната власт ја оставила државната каса во катастрофална состојба. Алармираат за високото ниво на јавен долг од 68%. Опозицијата смета дека наместо фискална консолидација, државата се водела кон фискална деструкција.
Расправата во матичната комисија за финансирање и буџет во Собранието ќе трае 10 дена. Пратениците поднеле 58 амандмани. Се очекува Ребалансот на буџетот треба да биде изгласан во собранието на почетокот на август.






